Соседна Србија ќе дозволи увоз на големи количества пченица и пченка во Македонија која побарала да ги увезе, изјави македонскиот претседател Стево Пендаровски синоќа на ТВ Сител, откако претходно веста ја слушнал од српскиот претседател Александар Вучиќ, додека македонската Влада вчера тврдеше дека државните резерви се полни со неопходните производи.

-Пред да влезам во студиото ја видов изјавата на српскиот претседател дека Македонија барала 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка и дека ќе ни ги дадат тие количества. Која е големината на тој потег? Србија пред пет дена, на првиот или вториот ден кога почна руската интервенција во Украина, донесе одлука да го забрани извозот на сите витални стратешки производи, рече Пендаровски.

Тој потсети дека пред неколку дена во Скопје беше шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ и дека директно го прашал дали Србија може да ѝ даде жито на Македонија, а Селаковиќ му рекол дека за тоа мора да разговара со претседателот Вучиќ.

-Од пред 2,5 години Руската федерација ја надмина Украина според продукцијата на пченица на светско ниво и Србите ги имаат тие конекции од претходно како неутрална земја, рече Пендаровски.

Инаку, српскиот претседател Вучиќ во вечерашното вонредно обраќање до јавноста за полититичката и економсата криза околу воениот конфликт во Ураина, изјави дека Србија на барање на Македонија ќе ѝ испорача 50 000 тони пченица и 25 000 тони пченка.

– Ние денеска ги добивме потребите на С. Македонија, тие од нас побараа да им испорачаме 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка и тоа можеме веднаш да им испорачаме, немаме проблем во врска со тоа. Тие купуваат пченка од нас и секогаш ќе имаме и за регионот, и за нас, и за С. Македонија, и за Црна Гора, и за Албанија, и за БиХ, изјави Вучиќ.

И за време на големиот недостиг на вакцини против коронавирусот, кога македонските власти не се снајдоа како што треба, Србија беше прва која донира за Македонија од своите залихи.