ДУИ синоќа ги (зло)употреби просториите на Министерството за политички систем, на чие чело е Артан Груби, за средба на партискиот лидер Али Ахмети со европските дипломати од тн. Вајмарска тројка.

Синоќа во 21:59 часот, како што објави порталот 360 Степени, медиумите во земјава добија електронска пошта од адресата на ДУИ. Партијата и нејзиниот лидер одржале средба со т.н. Вајмарска тројка (државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција, Лоренс Бун, германската министерка за Европа, Ана Лирман, и министерот за европски прашања на Полска, Шимон Шинковски вел Сенк) која е во посета на Македонија.

Во партиското соопштение се пренесуваат и пораките на лидерот на партијата, Али Ахмети.

– Тој нагласи и дека ДУИ останува постојан чувар на Охридскиот договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство, кои се склучени со поддршка на меѓународниот фактор и се сржта на мирот, напредокот и европската перспектива на земјата, пишува во партиското соопштение од средбата.

Состанокот со партијата ДУИ и нивниот лидер, за разлика од другите средби со претставници на партиите, не е во партиското седиште во Мала Речица, во други партиски простории на ДУИ или во некој хотел, туку во просториите на Министерството за политички систем.

Ова не е првпат да биде злоупотребена државната зграда на Министерството за паертиски цели на ДУИ, наведува 360 Степени:

На 4 јануари 2021 година Али Ахмети прослави роденден во штотуку отворените простории на Министерството за политички систем. И не само тоа, туки никој од присутните не ги носеше тогаш задолжителните маски. На крај, добија казна по 20 евра.

Во март годинава Артан Груби објави фотографии како си подава топка со сопартијците во просториите на министерството кое го води. Ја нарече „анти-стрес дружба“. Итн.

Во врска со тоа, пишува порталот 360 Степени, од Кабинетот на вицепремиерката Славица Грковска рекле дека ќе го разгледаат случајот и ќе преземат соодветни мерки, ако се утврди дека просториите на Министерството за политички биле употребени за партиски цели на ДУИ.

Целиот текст може да го прочитате ТУКА.