Претседателот на Собранието Талат Џафери не се согласува со ставот на претседателот на СДСМ дека Собранието може да се распушти и подоцна за да се донесат неколкуте закони. Тој е дециден дека постојат конкретни рокови кои мора да се испочитуваат и оти Уставот е јасен дека изборите се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.

„Може ли да има независни листи, кои имаат временски рок за собирање потписи? Може. Како ќе им го скратите тој рок? Тука се и законски определените рокови за жалбени постапки до ДИК, до Управниот и до Вишиот управен суд. Можете ли ним да им речете дека денеска мора да донесат одлука? Не. Има роковник, кој точно ги овозможува сите непоходни дејства. И оној рок од 51 ден кој го спомнувам како минимален за реализирање на изборните дејства, е речиси на граница на ризик ‘до минута’. Што ако падне електронскиот систем на ДИК? Не ќе може да ги прими листите“, предупредува претседателот на Собранието, и порачува – должен сум да го спроведам она што ми го диктира законот-изјави Џафери за „Дојче Веле“.