Денеска е многу важен ден за нас, изјави денеска вицепремиерот Бухар Османи.

– Денеска е еден од најпозитивните моменти после октомвриското разочарување во Брисел кога неуспехот на ЕУ да постигне консензус за продолжување на процесот создаде разочарување, непредвидливост и го разниша кредибилитетот Унијата во Западниот Балкан, меѓутоа и меѓусебната доверба меѓу Унијата и Балканот. Денеска е првиот ден кога процесот на враќање на кредибилитетот почнува силно и позитивно, истакна денеска на прес-конференција вицепремиерот задолжен за европски прашања Османи.

Оваа иницијатива на Европската комисија, посочи, е добра основа за динамизирање на процесот за враќање на кредибилитетот и довербата, меѓутоа и за втемелување во клучните приоритети на Комисијата и враќање на Западниот Балкан во геостратешките приоритети на ЕУ, а имајќи предвид дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Леен ја прогласи оваа Комисија како геополитичка, а за ЕУ геополитиката почнува на Балканот.

Османи појасни дека новата ЕК предвидела неколку чекори, за да може успешно да биде финализиран процесот, што сме го почнале пред неколку години. Како прв чекор, нагласи, беше предвидена потребата за ревизија на методологијата, второ донесување одлука за започнување преговори и трето донесување план за економски развој на регионот на Самитот во Загреб.

– Денеска го поминуваме првиот исчекор. Европската комисија излезе со иницијатива за предлог методологија која веднаш ќе оди во другите тела, во Европскиот парламент и на самиот Совет на ЕУ каде очекуваме да нема дебата по однос на содржината на методологијата, туку само усвојување заклучоци кои потоа би биле извршни. Како што најави комесарот денеска на прес-конференција следен чекор е вонредниот извештај за РС Македонија надвор од редовниот циклус на априлски извештаи, имајќи ја предвид најавата на комесарот дека нема да излезе со извештај доколку нема чувство дека земјите-членки позитивно пристапуваат кон потребата за донесување одлука за почнување преговори, рече Османи.

Потенцира дека вториот најважен момент денеска е фактот што Комисијата има донесено одлука за вонреден извештај во февруари, во кој ќе се надополнува минатогодишниот извештај со новите аспекти и постигнувања на државата и тоа да биде како основа за расправа на Советот на ЕУ на 26 март во Брисел, а потоа во мај да го очекуваме и новиот план за економски развој на регионот.

– Четири принципи кои денеска ги предложи Комисијата во методологијата се кредибилноста, динамичноста, предвидливоста и политичкото управивање, сметам дека се позитивни моменти во самиот пристапен процес кој вклучува политички ангажман на двете страни. Тоа го прави процесот посуштински, потемелен и поотчечен и пообврзан. Тоа што двете страни ќе се договориме дека треба да го исполниме ќе се исполни и на тоа мора ЕУ да одговори. Ако претходно требаше за секое поглавје да предвидуваме Акциски план, да одиме во Брисел, да го презентираме и да добиеме дозвола за негово отворање, потоа да имаме времен индикатор и затворање на поглавјето, сега тоа ќе се скрати на ниво на кластери, што значи ќе имаме Акциски план на ниво на кластер и можноста да се отвораат и затвораат поглавјата во најкраток рок од една година, рече Османи.

Делот на реверзибилност или суспензија на преговорите, појасни, за нас е сосема прифатлив, бидејќи која е смислата на преговорите доколку не можеме да ги следиме нашите обврски. Според Османи, наградата треба да биде пропорционална и да го рефлектира напредокот и тоа е исто така можност за забрзување на реформите.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека доколку нема никакви изненадувања или дилеми во политичката волја и брзината на имплементација, шест поглавја значи шест пати по една година и тоа е најкраткиот рок за можност за зачленување од моментот за започнување преговори и ова е моја интепретација на тоа што денеска го кажа комесарот.

– Во вториот кластер кој се однесува на внатрешниот пазар од вкупно 1.732 идентификувани акти, ние имаме транспонирано 337 акти, од третиот кластер од 696 имаме транспонирано 354, значи околу 50 проценти од тоа што треба да го хармонизираме како законодавство за третиот кластер ние влегуваме со веќе завршена работа. За четвртиот кластер од 770 акти имаме транспонирано 434 акти, за земјоделство тоа е петтиот кластер од 3.360 акти имаме транспонирано 921 акт. За надворешна политика од 120 акти имаме 18, рече Османи.

Најмалку ние, посочи, треба да покажеме страв од ригорозноста и реверзибилноста на процесот, напротив ние тоа го баравме затоа што долго време работиме на овој процес, долго време го очекуваме тој датум и бараме само фер правила на игра во кои најригорозните мерки ќе бидат вклучени бидејќи тоа ќе биде во наш интерес заради забрзување и одржување на динамиката на реформите, но и во конкуренцијата со другите земји-членки.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека со оваа методологија се овозможува прекинување на преговорите во одредени поглавја доколку има застој во реформите или враќање назад, или комплетно суспендирање на преговорите и третата мерка можност за намалување на фондовите.

– Денеска е дефинирано дека со квалификувано мнозинство може земјите-членки да донесат одлука за враќање назад дали реотворање на поглавје кое е веќе затворено или пак за суспендирање на процесот, што значи не со консензус меѓутоа со мнозинство на земјите-членки, истакна Османи.

Нагласи дека во март може да имаме и позитивна одлука за методологијата и истовремено позитивна одлука за започнување на преговорите.

– Од тоа што досега го имаме слушнато од земјите – членки, сите заговараат одлуката да биде пред Загрепскиот самит во мај, а пред него има само еден Совет тоа е март, рече Османи.

Додаде дека попладнево со министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе заминат во Загреб каде утре ќе имаат средба со премиерот Андреј Пленковиќ и со министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман, како претседавачи со ЕУ за заеднички да ги направат плановите, бидејќи Хрватска ќе претседава со Советот на ЕУ во март, а на 13 ќе заминат за Париз каде ќе имаат средба со советникот на францускиот претседател Емануел Макрон и со министерката за европски прашања Амели де Моншалан, со цел да го заокружат овој процес на напори и консултирање.