Претседателите на двата дома на швајцарскиот парламент, Марина Каробио Гускети и Жан Рене Фурниер, во своите обраќања на пленарна седница за време на посетата на Швајцарија на собранискиот спикер Талат Џафери нагласилле дека РС Македонија била приоритет во меѓународната соработка на Швајцарија.

-Двете земји негуваат добри билатерални односи, особено поради многубројната дијаспора во Швајцарската Конфедерација, која што е целосно интегрирана и значително придонесува во швајцарското општество, се посочува во соопштението од собраниската прес-служба.

Како што се наведува, претседателите на Националниот и на Државниот совет, го поздравија историскиот чекор на РС Македонија, а тоа е потпишувањето на Договорот од Преспа, договор кој ги отвори вратите на евроатланската интеграција за земјата.

Веднаш по обраќањата, собраниската делегацијата предводена од Џафери оствари билатерална средба со претседателот на државниот Совет, Жан Рене Фурниер на која што претседателот на Горниот дом повторно упати честитки за постигнувањето на Договорот со Грција и изрази надеж дека оваа историска придобивка ќе биде уважена од страна на ЕУ и дека на РС Македонија ќе и биде даден датум за преговори во јуни оваа година. Според него, отворањето преговори во јуни 2019 година ќе испрати јасна и позитивна порака до сите земји пристапнички од Западен Балкан. Изразувајќи задоволство што официјалната посета се случува во годината кога двете држави прославуваат 25 години од дипломатските односи, Фурниер се заложи за интензивирање на економската соработка, се наведува во соопшението.

Џафери ги оцени политичките односи меѓу двете држави како пријателски и се заблагодари на континуираната поддршка што Швајцарската Конфедерација и ја дава на РС Македонија во процесот на европските интеграции во време кога и Унијата се соочува со многу предизвици, иако Швајцарката конфедерација не е дел од ЕУ и НАТО. Тој информираше и за одржувањето на изборите за претседател на државата, на кои граѓаните во мирна и демократска атмосфера имаа можност слободно да ја изразат својата волја.

Џафери искажал силна верба дека РС Македонија до крајот на годинава ќе има заокружен процес на ратификување на Протоколите за пристапување во НАТО а во однос на ЕУ, успешен преговарачки процес за пристапување, убеден во позитивна Одлука на Советот на Европската Унија за отворање на патот за отпочнување преговори во јуни 2019 година, што би било силна мотивација за спроведување на итните реформски приоритети и за имплементација на договорот со Грција.

Двајцата соговорници, како што се посочува во соопштението, изразиле спремност за понатамошно продолжување на интензивната билатерална соработка на сите нивоа.