Британскиот возач во Формула 1, Џорџ Расел го напушта тимот на Вилијамс на крајот од сезоната, откако потпишал договор со екипата на Мерцедес, пренесуваат денеска британските медиуми.

Според лондонски „Дејли мејл“, 23-годишниот британски возач викендов на маргините на трката за Големата награда на Холандија ставил потпис на договорот во канцеларијата на директорот на Мерцедес, Тото Волф.

Со овој трансфер Расел ќе стане клупски колега на актуелниот светски првак во Формула 1, Луис Хамилтон, и тимот на Мерцедес од идната сезона ќе има британски тандем возачи.

„Дејли мејл“ наведе дека Мерцедес официјално треба да го потврди договорот со Расел пред неделната трка во Монца за Големата награда на Италија.

Актуелниот клупски колега на Хамилтон, Финецот Валтери Ботас би можел да мине во редовите на Алфа Ромео, откако неговиот сонародник Кими Раиконен најави дека на крајот од оваа сезона ќе се пензионира.