Фондацијата на американскиот милијардер Џорџ Сорос жестоко го осуди „говорот на омраза“ кој, како што истакнува, доминира во американската политика, откако пред еден ден во поштенското сандаче пред домот на Сорос беше пронајдена пратка со експлозив.

– Политиката на омраза денес доминира во нашиот дискурс во САД и во многу држави во светот и поттикнува екстремизам и насилство, се наведува во соопштението на Соросовата фондација Отворено општество.

Како што пренесува Хина, натаму во соопштението се додава:

– Во таква атмосфера на страв, невистини и растечки авторитаризам, дури и само изразување на мислење може да предизвика закани со смрт, се вели во изјавата.

Еден ден пред огласувањето на Фондацијата Сорос полицијата беше повикана во Соросовиот дом во Бедфорд, околу 80 км северно од Менхетен, каде го прегледала експлозивното средство пронајдено во поштенското сандуче, по што полициски стручњаци безбедно го детонирале.

Бомбата ја открил вработен, потоа ја однел во блиската шума и дури потоа повикал полиција.

Полицијата во меѓувреме соопшти дека покренала „сеопфатна истрага“ и дека случајот е предаден на одделот за тероризам на ФБИ.

Во најновиот случај републиканскиот конгресмен Мет Гејтц на Твитер објави за тоа дека Сорос им платил на латиноамериканските жени и деца да се придружат на карванот од мигранти кој се движи кон САД.

Сорос, кој потекнува од Унгарија, наидува на остри критики од унгарската влада која го принуди седиштето на фондацијата Сорос од Будимпешта да го пресели во Берлин.