Сто години од раѓањето на Васка Илиева (1923 – 2001), доајенка на македонската народна песна и една од најпознатите македонски изведувачки на народна музика, ќе бидат одбележани  со концерт на Државниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, вечер од 20 часот во Дом на АРМ.

НУ „Танец“, каде што Васка Илиева ја почнала својата музичка кариера во 1950 година, соопшти дека концертот, насловен „Песната, судбината“,  е замислен како ексклузивна гала вечер,  на која солистите и ансамблите ќе изведат петнаесетина антологиски песни од нејзиниот богат изворен, но и авторски репертоар. Ќе бидат прикажани и вредни архивски материјали поврзани со животот и делото на Илиева.

-Со својот уникатен стил на изведба и неповторливиот глас, оваа знаменита скопјанка многу брзо станува популарна и настапува на безброј концерти, не само во татковинатa, туку и во светот. И денеска, нејзините изведби на песните: „Земјо македонска“, „Имала мајка“, „Излегол Невен Пејо“, „Аир да не сториш мајко“, „Сестра кани брата на вечера“ се македонски песнопоен белег со трајни вредности за македонската културна историја. Оттука, заслужени се сите епитети со кои Илиева се здоби за време на својата долга музичка кариера, меѓу кои и „Кралица на македонската народна песна“, соопшти НУ Танец.

На концертот ќе настапат: Сузана Спасовска, Елена Андоновска, Драган Николовски, Ивана Серафимовска, Гоце Цоневски, Габриела Новевска и Кирил Митоски. Музичките адаптации, аранжмани и оркестрации за НУ Танец се на Дарко Илиевски.

Ќе биде изведен  и фрагмент од кореографијата „Драчевка“, поставена во 1959 година, во која Васка Илиева премиерно ја извела песната „Засвирил Стојан, посвирил“. Кореографијата е на Атанас Коларовски, музичката обработка на Трајко Прокопиев и Кочо Петровски и оркестрацијата на Дарко Илиевски.

Во рамки на концертот ќе бидат прикажани документарни огледи за ликот и делото на Васка Илиева, на авторката Бранка Костиќ-Марковиќ.

Фото: НУ Танец