ЕХФ и официјално потврди дека Македонија е меѓу десетте национални федерации кои покажаа интерес за организација на машкото ЕП во ракомет во 2034 година.
Покрај Македонија, интерес за домаќинство на шампионатот пријавиле и Австрија, Хрватска, Данска, Луксембург, Холандија, Србија, Словенија, Шведска и Турција.
Европската ракометна федерација соопшти дека рокот за доставување писма на интерес истекол во средата, а сега следува подготвување на официјалните кандидатури.
За Македонија ова претставува можност по вторпат да биде домаќин на голем европски ракометен настан, откако во 2022 година го организираше женското ЕП заедно со Словенија и Црна Гора.
Македонија, Србија и Словенија имаат заедничка кандидатура за организација на ова Европско првенство, а намерата беше објавена пред еден месец.
Машкото ЕП 2034 е предвидено да се игра од 10 до 29 јануари, а турнирот ќе има и четвртфинална фаза, што е промена во форматот. Заинтересираните федерации имаат рок до 1 март 2027 година да поднесат официјална кандидатура.




