Мојата цел отсекогаш беше добробитта за македонскиот народ, па во таа смисла развивав соработка со различни политички опции, без разлика на разликите. За жал новата Влада не беше подготвена за соработка, вели за Денешен.мк, хрватската европратеничка Маријана Петир.

Таа до скоро беше во групата Пријатели на Република Македонија во Европскиот парламент, но веќе не е.

– Жал ми е што новата Влада не беше подготвена за соработка затоа што со месеци никој од нив откако ја презедоа власта во Македонија не ме контактираше. Иако доаѓаа во институциите на ЕУ, со мене никогаш немаа потреба да се сретнат ниту да ги координираат идните активности. Потоа, од пратеници дознав дека формираат нова група за пријателство, додава Петир.

Инаку, хрватската пратеничка Петир во 2016 година ја возобнови Групата пријатели на Република Македонија во која имаше 20-тина европарламентарци. На промоцијата таа тогаш рече дека главна цел на Групата е „да и се помогне на Македонија конечно да ги започне пристапните преговори за членство во ЕУ чие отворање десет години го блокира Грција“.

– Мојата цел беше да работам за интересите на македонскиот народ, па за таа цел развивав соработка со различни политички опции, без разлика на разликите кои постојат меѓу нас. За жал, се покажа дека новата Влада не комуницира со своите политички неистомисленици и е икслучива кон нив. Се залагав за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, да се отворат преговори за тоа, а билатералните прашања да се реашваат со текот на преговорите, вели Петир.

Таа истакнува дека гледајќи ја борбата и неправдата која со години и се нанесува на Македонија „не можев да останам настрана затоа што длабоко верувам дека граѓаните на Македонија заслужуваат почит и правда, заслужуваат да бидат рамноправни граѓани на ЕУ и на европското семејство да му го донесат целосно својот идентитет“.

– Се надевам дека новата група за пријателство во својата работа и натаму ќе се раководи од доброто за македонскиот народ, како што беше и во текот на изминатиот период. Македонскиот народ во мене секогаш ќе има верна и предадена пријателка која води сметка за неговата добробит, истакнува Маријана Петир за Денешен.мк.

Инаку, познато е дека на обновувањето на Групата Пријатели на Македонија во 2016 година остро реагираа пратеници од грчката неофашистичлка Нова зора, кои предизвикаа и посериозен инцидент.