Останете дома, тоа е моментално најважниот совет од медицинските лица таму каде што се шири вирусот Ковид 19.

Што помалку меѓусебен контакт, помал е и ризикот од ширење на новиот коронавирус. Тоа секако значи откажување масовни собири, но проблем се и блиските лични контакти во мали групи.

Дури иако сте здрави и мислите дека коронавирусот не може да го загрози вашето здравје, социјалната дистанција не ве штити само вас, веќе и оние кои се ранливи и може да ги заразите, пишува агенцијата ДПА.

Експертите нудат неколку совети:

Избегнувајте близок контакт

Ако можете да се договорите со работодавецот, работете од дома.

Доколку тоа не е опција, има и други начини да го намалите контактот на минимум.

Собирите со пријателите треба да ги откажете, венчавките одложете ги.

Вашиот автомобил и велосипедот сега се посигурни превозни средства од автобусите или трамваите.

Контактирајте со истите луѓе

Не можете да очекувате дека ќе го избегнете секој контакт со луѓето. Без разлика на тоа дали се работи за приватни или работни причини, одвреме-навреме ќе се среќавате и со останатите луѓе.

Здравствените експерти велат дека треба да се ограничи контактот на исти роднини и пријатели и да се избегнува контакт со непознати.

Тоа, меѓу другото, епидемиолозите велат дека ја олеснува потрагата во случај на зараза.

Држете растојание

Кога се среќавате со други луѓе, држете растојание од најмалку еден метар, по можност и два.

Не ракувајте се и не прегрнувајте се.

И, секако, добро мијте ги рацете.

Планирајте го времето за излегување.

Ако можете, избегнувајте да купувате во време кога има голем метеж и одете во маркет или аптека кога е веројатно дека ќе бидат празни.

Дури и ако рестораните или кафулињата во близина на вашиот дом останат отворени, експертите ве советуваат да не ги посетувате.

Истото важи и за трговските центри или игралишта, всушност сите јавни места каде што се собираат голем број луѓе.

Излезете на свеж воздух

Сончевата светлина и кислородот сè уште се важни.

Физичкото и менталното здравје помагаат во борба со потенцијална инфекција.

Излезете на прошетка, виролозите не се против тоа, само држете дистанција.