Најмалку пет лица загинале, а неколку се повредени во нападот со лак и стрела во норвешкиот град Конгсберг кој се случи денеска.

Освен петте загинати, има и две лица кои се повредени кога напаѓач вооружен со лак и стрела пукаше денеска врз минувачите, што се смета за терористички акт, соопшти локалната полиција. „Убиецот користеше лак и стрела за да нападне“, им рече на новинарите шефот на полицијата. Тој додаде дека напаѓачот е уапсен, како и дека се истражува дали користел некое друго оружје, пренесува Ројтерс.

Првичните информации беа мошне штури, но сега е соопштено дека напаѓачот набрзо бил уапсен, а полицијата во меѓувреме ја евакуирала областа. Нападите се извршени во „широка област“ на Конгсберг, град со околу 28.000 жители во југоисточна Норвешка, соопшти полицијата. Видеото што кружи по социјалните мрежи покажува како човек кој е осомничен дека ги извршил нападите и се предал на полицијата. Беше облечен во црно одело и излезе пред полиција со кренати раце.

Шефот на полицијата детално зборуваше за тоа како изгледаше акцијата за апсење. – Добивме пријава во 18,13 часот, а го уапсивме во 18,47 часот, првиот обид за апсење, за жал, пропадна. Полицијата испукала неколку предупредувачки куршуми, но тој успеал да избега. Во еден момент, ја загубивме контролата над него, но подоцна беше уапсен во блискиот град Драмен – рече началникот. Нападот наводно започнал во супермаркет, а напаѓачот наводно сменил локација и случајно испукал стрели кон луѓето. – Еден од повредените е полицаец кој се спротивстави на напаѓачот. Во тоа време тој беше надвор од служба – изјави шефот на полицијата, додавајќи дека приведувањето на напаѓачите не поминало без проблеми. Борбената готовност во целата земја е подигната на највисоко ниво.