Повеќе од 4.500 корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност за кои, според премиерот Христијан Мицкоски, било утврдено дека не требало да примаат средства, се откриени во досегашните проверки на системот.

Мицкоски тврди дека меѓу лицата за кои државата исплаќала средства имало починати лица, иселени граѓани, но и фиктивни корисници.

-До овој момент имаме повеќе од 4.500, значи не 45, не 450, туку 4.500 лажни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност – рече Мицкоски.

Според премиерот, по направените анализи и теренските проверки, износот на средствата предвидени за исплата овој месец е за околу 200 милиони денари помал во споредба со истиот месец минатата година.

-Како е тоа возможно? Возможно е затоа што корисници биле, за жал, починати луѓе, отселени луѓе, лажни луѓе и така натаму – изјави Мицкоски.

Тој процени дека на годишно ниво од државниот буџет биле издвојувани повеќе од една милијарда, а можеби и до 1,5 милијарди денари за исплати на вакви корисници или околу 25 милиони евра.

Проверките, како што посочи премиерот, сè уште не се завршени. Останува да бидат проверени уште приближно една петтина до една шестина од вкупниот број корисници.

Мицкоски најави дека контролите нема да завршат со системот за гарантирана минимална помош и социјална сигурност. Според него, слични проверки ќе опфатат и други области, вклучително и здравството, каде што, како што тврди, исто така постојат можности за заштеда на јавни средства.

Премиерот проверките ги оцени како реформа со потенцијален финансиски ефект од околу 25 милиони евра годишно.

– Некој ќе рече: „Добро, па тоа е една обична проверка, за каква реформа зборувате“? Реформа која е 25 милиони евра – рече Мицкоски.

Тој додаде дека доколку слични заштеди се постигнат и во други области, ослободените средства би можеле да се пренасочат кон капитални инвестиции, со кои, според него, би се создале услови за привлекување нови инвестиции.