Во изминативе 27 месеци, односно 8-9 квартали откако е избрана оваа Влада, растот просечен е над 3,5 проценти на реална основа во услови кога растот кај нашиот најголем трговски партнер, Европската Унија или еврозоната, се движи помеѓу 1 и 1,2 проценти. Тоа е трипати повеќе споредено со просечниот раст кај нашиот најголем трговски партнер, потенцира денеска премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на презентацијата на новиот извештај на Светска банка „Македонија: Излез од стапицата на среден доход“.

Навраќајќи се на 2006 и 2008 година, кога државата имала пет, пет и пол, па дури и шест проценти раст, но тогаш, подвлече растот насекаде бил толкав.

– Ако го анализираме третиот квартал од оваа година, вчера Државниот завод за статистика ги објави податоците за увоз-извоз, ние веќе втор месец од третиот квартал, покрај јули и август, имаме 11,5 проценти раст на извозот, 8,5 проценти раст на увозот. Значи, извозот побргу се зголемува отколку увозот, не во номинални средства, бидејќи сме увозно зависна земја. Но, сакам да кажам дека во услови кога ги имаме најголемите предизвици во светот, во услови кога ни се случуваат две војни во соседството, кога ја имаме најголемата енергетска криза, не според македонската Влада, туку според Фатих Бирол, директорот на Светската енергетска агенција, во услови кога имаше итен состанок на Г7 земјите, бидејќи една од членките во 15 проценти од пумпите немаше дизел гориво, во услови кога постоеше можност да имаме забрана од една од членките на Г7 за извоз на дизел гориво, ние, сепак, успеваме да обезбедиме стабилна цена, најниска во Европа, и тоа ни овозможи да ја консолидираме инфлацијата. Во јули 2,3%, во август 2,6%, во услови кога европскиот просек во јули е 2,9%, а во август е 3,3%. Сега најавија, Евростат објави прелиминарни проценки за септември 3,8%. Нас нè убедуваа дека е увезена инфлацијата, епа можела да не биде увезена инфлацијата, рече Мицкоски.

Според анализите на Државниот пазарен инспекторат, премиерот очекува кај храната и безалкохолните пијалоци инфлацијата во септември да се движи меѓу 1,5 и 2 отсто  на годишно ниво.

Одредена можност за високо платени, квалитетни работни места, коишто ќе придонесат позитивно во македонската економија премиерот очекува државата да добие со изградба на податочни центри, за кои веќе имало пет-шест заинтересирани инвеститори. Според Мицкоски, вештачката интелигенција и податочните центри се неминовен процес и смета дека државата ќе може да понуди услуга на потенцијалните инвеститори.

– Колку и да имаме ретроградни сили коишто ќе нè влечат назад, ние како Влада сме одлучени овој процес да го туркаме напред и ќе одиме до крај во негова реализација, бидејќи тој е неповратен. Честопати јас во своите говори го кажувам тоа дека не е веќе наука на иднината, не е индустрија на иднината, туку тоа е индустрија на сегашноста. Во 2040-тата или 2050-тата ќе зборуваме за некои други уште понапредни технологии од оваа суперинтелигенција или вештачка интелигенција, рече Мицкоски.

Владата, нагласи, е фокусирана, работи на адаптација на одредени закони и од заинтересираните посериозни пет-шест инвеститори, половина ако се реализираат, веќе можеме да зборуваме за извоз на услуги коишто ќе се мерат во стотици милиони долари или стотици милиони евра.

– Така што овој процес е неповратен и тука нема назад, без разлика каква и да биде и колку и да биде силна јавната дебата, бидејќи ние ако не го искористиме, тогаш ќе го искористи некој друг, ако ние не го препознаеме, тоа веќе го препознаваат многу земји во светот, рече Мицкоски.

Паралелно со овие процеси, информира дека Владата работи и на внатрешни реформи, меѓу кои ја издвои анализата во делот на социјалната политика.

– Дојдовме до едно интересно откритие при анализа на ГМП – корисници на гарантирана минимална помош или социјална сигурност овој месец фактурата, по спроведена детална анализа и проверка на терен, споредено со истиот месец минатата година, е помала за 200 милиони денари. Е сега, сигурно си го поставувате прашањето „Како е тоа можно?“ Можно е затоа што корисници биле, за жал, починати, одселени, лажни луѓе и така натаму. Значи, ние од буџетот сме трошеле повеќе од милијарда, милијарда и пол фиктивно на корисници за гарантирана минимална помош и социјална сигурност. Уште не сме дошле до останатите корисници, истакна Мицкоски, подвлекувајќи дека до сега биле откриени 4,5 илјади лажни корисници на ГМП.

Таа реформа, нагласи, е 25 милиони евра.

– Некој ќе рече: „Добро па тоа е обична проверка, за каква реформа вие зборувате?“ Реформа којашто е 25 милиони евра. Ние денеска правиме спектакли за инвестиции многу помали од 25 милиони евра годишно. А ние кога ќе го изанализираме ова и кога ќе го ставиме во овој процес, ќе дојдеме до една ситуација во којашто ако овде заштедиме 25 милиони, ако онде заштедиме 25 милиони или на трето место 25 милиони, ете ги реформите, ете ги парите како ние можеме да инвестираме во капитални инвестиции коишто потоа на нас ќе ни донесат можности за да привлечеме инвестиции коишто ќе генерираат поголем профит, рече Мицкоски.

Премиерот во своето обраќање за Извештајот за раст и работни места на Светска банка, за кој кажа дека е добра основа за понатамошни реформи коишто Владата треба да ги дозаврши, се осврна на инфраструктурните проекти кои се реализираат, како што се експресните патишта, автопатските делници, железничкото поврзување, како и енергетски поставените цели и гасификацијата и оти со нивно завршување значително ќе се зајакне геостратешката положба на земјата. (МИА)