Претставникот на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави дека очекува финализирање на анексот за спроведување на Договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
– Не сме фокусирани на потпишување, туку на финализирање на договорот, рече Ескобар во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) во Охрид.Страните не можат да изберат што да спроведат, а што не од овој договор, оцени Ескобар.
Како набљудувач, тој учествува на средбите меѓу премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Охрид, кои се со посредство на шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак.
– Работиме под сенката на една од најголемите безбедносни закани за европскиот континент од Втората светска војна, рече Ескобар, алудирајќи на руската инвазија на Украина.
Во оваа смисла, рече тој, важно е нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија.
– Средбата на лидерите на Косово и Србија во Охрид е историска прилика, изјави специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
– Ова е навистина можност да се оддалечиме од настаните од 90-тите и да се оддалечиме од настаните од 1999 година и да тргнеме во 21 век. Тоа е можност не само за Србија и Косово, туку и за регионот во целина, рече Ескобар.
Според него, во случај двете страни да не се договорат, тоа не би било чекор напред кон евроатлантските интеграции.
Ескобар посочи дека „сите земји од регионот треба да се признаат меѓусебно и да имаат мирни односи“.
По повод формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, Ескобар рече дека е малку веројатно таа некогаш да се трансформира во Република Српска (српски ентитет во Босна и Херцеговина), која постојано го доведува во прашање функционирањето на Босна и Херцеговина.