Европската комисијата го поздрави политичкиот договор постигнат меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ околу Регулативата за поддршка на производството на муниција (АСАП), за што се предвидени 500 милиони евра, оценувајќи дека со неа Унијата ќе може ефикасно да ги зголеми своите производствени капацитети за муниција и ракети.

– Благодарение на АСАП, одбранбената индустрија на Унијата ќе може да произведува повеќе и побрзо, бидејќи предложената регулатива ќе го поддржи индустриското зајакнување преку системот на снабдување со муниција и ракети во ЕУ. Тоа е директен одговор на повикот од мартовскиот Европски совет за итна испорака на муниција, а доколку се побара, и на проектили за Украина, како и за помош на земјите членки да ги надополнат своите резерви, се посочува во соопштението на Европската комисија.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Средствата од предвидениот буџет до 500 милиони евра ќе бидат распределувани во форма на грантови за различни намени, како дел од напорите на европската одбранбена индустрија да ги зголеми своите производствени капацитети и да се справи со идентификуваните недостатоци.

– АСАП, на пример, би можел да поддржи проширување или модернизација на постоечките капацитети и создавање нови, планови за пренамена на старата муниција и решавање на недостигот од стручен кадар, поосчуваат од ЕУ.

Со Регулативата се предвидува можност за обезбедување на средства во износ до 50 милиони евра за создавање на Гарантни фондови, кои би послужиле како поддршка за обезбедување позајмици за потребите на европската одбранбена индустрија вклучена во производството на муниција и проектили.

Регулативата АСАП би требало да се надоврзе на неодамна договорената иницијатива наречена

„Зајакнување на европската одбранбена индустрија преку заеднички акт за набавки“ (ЕДИРПА), која има за цел да ги поттикне земјите членки на ЕУ да се впуштаат во заенички набавки на најкритичните и најнеопходните одбранбени средства.

Предлог-регулативата за поддршка на производството на муниција беше промовирана од страна Европската комисија на 3 мај годинава, со цел директно да се поддржи производството на муниција и проектили имајќи ја предвид нивната зголемена побарувачка како резултат на војната во Украина.Пред да стапи во сила регулативата АСАП треба да биде и формално одобрена од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ.