Европската унија, како дел од петтиот пакет санкции против Русија, го блокираше извозот на оружје и ја затвори дупката во законот што дозволуваше продажба на оружје и покрај ембаргото воведено по анексијата на Крим во 2014 година.

Во 2014 година, по руската анексија на Крим, ЕУ воведе ембарго за продажба на оружје на Русија. Меѓутоа, таа одлука содржела клаузула според која забраната за извоз на оружје не се однесува на договорите потпишани пред август 2014 година.

Ова им овозможи на некои земји-членки на ЕУ минатата година да извезат оружје и муниција во Русија во вредност од 39 милиони евра, што е зголемување за повеќе од 50 отсто во однос на 2020 година.

Меѓу најголемите извозници беа земјите со силна одбранбена индустрија како Франција и Германија.

По руската инвазија на Украина на 24 февруари, некои земји-членки силно го критикуваа исклучокот во одлуката од 2014 година.

Одлуката за бришење на исклучокот е донесена во петтиот пакет санкции, кој стапи на сила минатата недела.

Како што пренесуваат странските агенции, таа не била соопштена преку вообичаените комуникациски канали на ЕУ, туку била објавена само во официјалниот весник на ЕУ.