Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер упати писмо до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, во кое го информирал дека преговарачите од ЕУ и Велика Британија постигнале согласност за ревидиран Договор за излегување на Велика Британија од ЕУ, како и за Политичката декларација.
Тој во писмото ги повика 27-те членки на ЕУ да го поддржат Договорот за Брегзит, постигнат утрово, наведувајќи дека е во нивни интерес да има уредено и пријателско излегување на Велика Британија од ЕУ.
„Нашата рака секогаш треба да остане испружена, бидејќи Обединетото Кралство останува клучен партнер“, напиша Јункер. Тој оцени дека е крајно време да се доврши процесот на излегување на Британија и што побрзо да почнат преговорите за идното партнерство со ЕУ.