Делчево ќе го добие првиот полнач за електромобили благодарение на проект на ЕВН за поставување вакви уреди низ повеќе градови во Македонија.

Полначот, кој истовремено ќе може да опслужи два автомобила, ќе биде поставен на паркингот пред Спомен-домот АСНОМ каде во тек се градежни активности за уредување на просторот.

– Општината ги издаде потребните дозволи за поставувањето ваков уред и со тоа Делчево ќе биде дел од семејството градови кои нудат ваква можност на граѓаните кои користат електромобили, што е посебна предност за Делчево како погранично место посетувано од голем број странски гости, информираат од кабинетот на градоначалникот Горан Трајковски.

Поставувањето електричен полнач во Делчево е дел од поголем проект на ЕВН со кој се опфатени општините во земјава. Идејата на проектот е да се поттикне користењето возила на електричен погон што ќе придонесе за заштита на животната средина. Првата година од поставувањето на електричниот полнач, услугата ЕВН ќе ја дава бесплатно.

МИА