Следниот чекор во процесот на евроинтеграцијата на земјата зависи од усвојувањето на уставните измени, меѓутоа тоа е прашање кое е во рацете на самата земја, на Собранието. Се надеваме дека ќе можат да се направат што е можно поскоро за земјата да го искористи создадениот моментум и конечно решително да се придвижи на нејзиниот евроинтегративен пат, изјави шефот на Делегацијата на ЕУ амбасадорот Дејвид Гир за време на денешната посета на Општина Шуто Оризари.

-Што се однесува на уставните измени, како што веќе знаете, тоа прашање произлезе како дел на билатералниот Договор помеѓу С. Македонија и Бугарија којшто се постигна во јули 2022 година. И токму тој договор ја отвори можноста РС Македонија да може решително да се придвижува на нејзиниот евроинтегративен пат, односно да ги отвори пристапните преговори како резултат на што го имавме и отворањето на скрининг процесот. Следниот чекор во овој процес навистина зависи од усвојувањето на уставните измени, меѓутоа тоа е прашање кое што е во рацете на самата земја, во рацете на Собранието и тие коишто се засегнати со тоа. Тоа е суверена одлука која што треба да се носи, но штом ќе се донесе веќе преминуваме кон следниот чекор што значи дека земјата продолжува да се придвижува напред на патот кон ЕУ и нема други дополнителни одлуки коишто треба да се носат понатаму, рече Гир на новинарско прашање за процесот на уставни измени кој тапка во место и што ќе се случи доколку на декемврискиот самит на ЕУ на кој се очекува да се донесат големи одлуки за земјите од ЗБ, да нема одлука за земјава.

Гир воедно посочува на создадениот моментум во однос на забрзување на процесот на проширување како разултат на руската агресија во Украина.

-Живееме во исклучителни времиња, всушност дури би ги нарекол трагични времиња како резултат на руската агресија врз Украина, но токму овие исклучителни моменти го произведоа и исклучителниот нов моментум во сферата на самото проширување и создадоа можност земјите да можат рапидно брзо да се движат на нивниот евроинтегративен пат. Така што навистина јас искрено се надевам дека ќе биде возможно, што поскоро да се усвојат уставните амандмани за да може земјата конечно да се придвижи напред затоа што јас силно верувам дека местото на оваа земја е во рамките на ЕУ и се разбира истовремено да може оваа земја да ги имплементира сите реформи коишто се потребни на патот кон ЕУ за да може конечно да стане полноправна членка на Унијата, порача Гир.

Прашан како го коментира ставот на Пендаровски дека кога станува збор за уставните измени, тие подобро да се решат во следниот парламентарен состав и што ќе значи тоа за евроинтеграциите, Гир вели не може да коментира изјави на различни политичари, дури и изјава на претседателот на државата. При тоа додава, „единствено што можам да кажам е дека ние сите искрено се надеваме дека сите овие измени ќе можат да се направат што е можно поскоро за да може оваа земја конечно решително да се движи на нејзиниот евроинтегративен пат“.

Во однос на одржување на редовни претседателски и парламентарни избори заедно во еден ист рок што е барање на опозицискиот блок и што ќе се случи со земјата доколку нема цензус на претседателските избори, Гир подвлкекува дека и ова е прашање кое што во целост ги засега самите политички партии, односно Владата која што одлучува кога ќе одлучи да ги распише самите избори, како и дека самите избори треба да се случат кога сите политички партии ќе одлучат за датумот на самите избори.

Што се однесува на скрининг процесот евроамбасадорот Гир изразува како што вели, има само пофални зборови.

-Всушност би сакал да го поздравам самиот ангажман и посветената работа од страна на владините претставници. Мислам дека нивната работа досега беше навистина многу добра и како што се приближуваме кон крајот на самиот тој процес мислам дека таа работа е многу позитивна, рече Гир.

За тоа до каде е работата на оценската мисија за Судскиот совет и кога ќе пристигне извештајот, Гир вели сите се во исчекување, но дека е многу рано да даде каква било оценка за тоа каков ќе биде исходот на нивната посета. Тие имале навистина многу добра посета, многу сеопфатни состаноци со сите чинители тука, на многу транспарентен начин, така што смета тој, тие веќе имаат многу јасна идеја во врска со ситуацијата тука.