Викендов улиците во неколку европски градови гореа. Протестите против новите антиковид рестрикции кои беа донесени во неколку европски држави прераснаа во улични војни.

Полицијата на неколку места употреби огнено оружје против протестирачите, како што велат официјалните лица, за да се заштитат од напливот на разгневените протестирачи, пренесуваат европските медиуми.

Фајненшл Тајмс известува дека протестите во Брисел во неделата на почетокот се одвиваа мирно, но подоцна ескалираа кога 35 илјадната толпа стана насилна, па полицијата мораше да употреби водени топови и солзавец. Полицијата уапси преку 40 протестирачи.

Белгија е една од државите со највисок број на вакцинирани лица, но повторно воведе рестрикции бидејќи има зголемен број на инфицирани.

Протестите во Холандија кои почнаа во саботата продолжија и вчера. Уапсени се десетици протестирачи и полицијата употреби прекумерна сила досега невидена во европските метрополи. Холандските протестирачи користеа пиротехнички средства и предизвикаа пожари на неколку места во Ротердам. Како што известуваат европските медиуми, користењето на огномет од протестирачите е знак на револот кон забраната за пиротехнички средства за време на празниците.

На Австрија, Холандија и Германија им се случува најголемиот раст на инфицирани случаи од почетокот на ноември. Германскиот министер за здравство најави дека целосното заклучување не е невозможна варијанта. Во Австрија од денеска почнува локдаун низ целата држава.

Грција го забрани присуството на невакцинираните лица во јавни затворени простори, како што се рестораните, кината, музеите и слично.

Словачка најави локдаун само за невакцинираните граѓани.

Протести против новите антиковид мерки имаше и во Загреб и Рим.

М.П.