Во рамките на одбележувањето на 55 години од своето основање, Факултетот за музичка уметност (ФМУ) денеска ќе организира онлајн предавање на  проф. д-р Искра Шукарова на тема „Танцовиот проект „Гласот на телото“ (Скопје, 2021) низ призма на идеите на Далкроз и Лабан“, како дел од циклусот „Научни среди“.

Покрај ова, на сајтот и Јутјуб-каналот на ФМУ објавен е и најновиот дел од програмата „Musica Viva за деца“ во чии рамки е претставена „Музичката сликовница“ од 1959 година од композиторот, долгогодишен професор и поранешен декан на Факултет за музичка уметност, Тома Прошев.

Седумте става на „Музичката сликовница“ оригинално напишани за пијано, за потребите на оваа програма се прилагодени во изведба за хармоника. Подготовката на изведбите и реализацијата на снимките се под водство на проф. м-р Зорица Каракутовска. Настапуваат студентите Виктор Кулески, Милош Кировски и Дарко Кулевски од прва година од нејзината класа.

Факултетот за музичка уметност од Скопје на каналот БузАр постави и четири видеа од ИРАМ-овите хроники од 2004 година. Во овие хроники, во текот на десетина години, студентите на одделот по сонологија со мултимедија, предводени од професорите Димитрије Бужаровски и Трена Јорданоска, снимија над 170 кратки видеа од различни настани во земјата и во странство поврзани со дејноста на ФМУ.

Во овој избор се прикажани настапите на хорот на ФМУ со диригентката проф. д-р Сузана Костиќ и Симфонискиот оркестар на ФМУ со диригентот проф. м-р Борјан Цанев, студентите по гитара и студентите по соло пеење од класата на проф. м-р Марија Муратовска-Наумовска во 2004 година.