Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за српскиот медиум „Нова.рс“ зборува за политичко-финансиската мрежа што ги поврзува Виктор Орбан, Александар Вучиќ и Христијан Мицкоски. „Оваа мрежа не ја откриваме од вчера. Ја разобличуваме со месеци, а секој нов ден носи нови потврди. Христијан Мицкоски во Македонија одамна го нарекуваат малиот Вучиќ. И тоа не е случајно“, вели Филипче. Тој оценува дека постои целосен copy-paste во политиките и реториката на ВМРО и власта на СНС во Србија, особено во однос на поделбите на „патриоти“ и „предавници“, како и во однос на кампањите против ЕУ и контролата над медиумите,л се наведува во соопштението на СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.
„Иста реторика за ЕУ: ‘може, но достоинствено’, ‘нема да дозволиме да ни го загрозат идентитетот’, ‘нема да отстапиме ниту милиметар’“, посочува Филипче.
Во интервјуто тој зборува и за влијанието на Орбан врз медиумскиот простор во Македонија посочувајќи ги извештаите на ОККРП и БИРН.
„Петер Шац и Агнеш Адамик контролираат околу 40 % од медиумскиот пазар во Македонија. Тоа е директна врска со Орбан“, потенцира Филипче.
Тој додава дека постојат конкретни докази и кривични пријави поврзани со финансирање медиуми преку, лажни маркетинг-кампањи со пари што доаѓале од Унгарија преку Словенија.
Филипче говори и за заемот од една милијарда евра од Унгарија, кој е поврзан со кинески пари и нетранспарентни договори.
„Истата година кога Мицкоски зеде кредит од Унгарија во ист износ, Унгарија зела пари од China Development Bank, Export-Import Bank of China и Bank of China, истакнува тој.
Новата унгарска влада на Петер Маѓар веќе отвора истраги за овие договори, а СДСМ бара такви истраги и во Македонија.
Тој најавува дека идната влада на СДСМ ќе отвори ревизија на сите спорни договори поврзани со унгарските кредити, телекомуникациските лиценци и со Алта банка.
„Сѐ ќе биде прегледано. Сите сомнителни трансакции, кредити, лиценци и медиумски врски – ништо нема да остане под тепих“, порача Филипче.
Во интервјуто Филипче зборува и за Законот за нулта толеранција за криминалот и корупцијата по естонски модел.
„Законот за нулта толеранција за криминал и корупција и слободата на медиумите ќе бидат првите задачи на идната влада“, вели претседателот на СДСМ.
Филипче одговара и на обвинувањата од ВМРО дека „СДСМ ја криминализира секоја соработка со Србија и Унгарија„.
„Орбан – Вучиќ – Мицкоски се како руските бабушки. Секоја следна е помала. Првиот падна, сега се на ред овие двајца. За да не излезе дека директно не одговорив на обвинувањата: организираната криминална група нè обвинува дека ја криминализираме секоја нивна соработка? Ќе ви кажам две работи. Прво, не знам дали некаде во светот постојат сестрински партии преку чија граница поминуваат пет тони дрога, додека тие целосно управуваат со полицијата, Царината, Обвинителството и судството, а никој да не одговара. Веројатно такво нешто имало во Венецуела. “, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервјуто за „Нова.рс.“.




