Граѓаните мора да се свесни дека не треба да се собираат и да се групираат. Во целата борба, еден сегмент е здравствениот систем, другиот сегмент се инспекторатите, но третиот дел е свеста и совеста на граѓаните, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Одговарајќи на новинарски прашања пред поликлиниката Букурешт, Филипче рече дека не можат да ги ограничат собирите по домовите бидејќи тоа е противуставно и затоа во овој случај многу е важна свеста на граѓаните.

– Интервенираме со забрани таму каде законот ни дозволува, а со препораки, онаму каде законот не ни дозволува. Ние пробавме со закон да ги забраниме и домашните собири и слави, но излезе дека тоа е противуставно. Затоа почитувајќи го интегритетот на домот согласно Уставот и неможејќи да ги забраниме тие собири, огромен дел од оваа борба припаѓа на одговорноста, свеста и совеста на граѓаните. Мора да се свесни дека оваа криза мора да се надмине, дека не треба да се собираат и да се групираат, истакна Филипче по настанот на кој беа донирани две амбулантни возила од Комерцијална банка.

Новите мерки со кои би се ограничило работењето на угостителските објекти до 18 часот, според Филипче, се доволни во предновогодишниот и новогодишниот период. Сегашните мерки, како што посочи, даваат резултат, а доказ за тоа е стабилизирањето на бројот на новодијагностицирани и падот на факторот на преносливост на 0,95.

– Што значи дека овие мерки даваат резултат, но сепак стравуваме заради новогодишната атмосфера и можноста да се групираат луѓето, а угостителските објекти се места каде тоа се прави, епидемиолошката ситуација да може се влоши. Сметаме дека ова е сосем доволно затоа што и сегашните мерки даваат резултат. Иако даваат резултати, сепак ситуацијата е сеуште критична, се уште има голема бројка на пациенти и не смееме да дозволиме никакво опуштање. Даваме дополнителна реструкција која сметаме дека сега е сосем доволна, нагласи Филипче, одговарајќи на новинарски прашања.

Во однос на епидемилошката состојба, Филипче информира дека се стабилизира бројот на новодијагностицирани и оти во изминатиот период има прилично еднаков број на слободни болнички кревети.