Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денес, на прес-конференција, предупреди на, како што вели, сериозните ризици што изградбата на дата-центрите може да ги предизвика врз водата, земјоделството и ценатата на струјата, а кои, вели, ги турка Владата.
Филипче посочи дека станува збор за центри што за својата работа користат огромни количества вода, која дополнително се загрева, и какви последици може да има тоа врз реките и биодиверзитетот. Освен за водата, тој отвори прашања и за, како што посочува, огромната потрошувачка на електрична енергија од дата-центрите, можните последици врз цената на струјата и потребата од дополнителен увоз.
– Дали тоа значи дека огромната количина вода што ќе ја користат дата-центрите, кои организираната криминална група на ВМРО сака да ги прави кај нас, ќе ги остави нашите полиња и земјоделците без водоснабдување? Дали тоа значи дека ова целосно запоставување на земјоделскиот сектор дополнително ќе претрпи удар поради тоа што водата ќе биде пренасочена за ладење на таканаречените дата-центри – прачува Филипче.
Според него, земјоделците веќе се соочуваат со сериозни проблеми поради неисплатени субвенции и ниски откупни цени, а сега, вели тој, се отвора и прашањето дали ќе биде доведено во прашање водоснабдувањето на земјоделските површини.
Филипче смета дека огромната потрошувачка на електрична енергија може да го ограничи идниот индустриски развој во областите во кои би се граделе вакви центри.
– Дали тоа значи дека струјата ќе поскапи и плус ќе зависиме од дополнителен увоз по што оваа власт и тоа како добро е позната имајќи предвид дека производствените капацитети во државата работат полошо од кога било во историјата на земјата и многу повеќе од кога било ние сме зависни од увоз на струја – рече претседателот на СДСМ.
Филипче исто така сподели и документ објавен пред три месеци од компанија што тврди дека за дата-центар во земјата веќе има обезбедено капацитет од 100 мегавати електрична енергија, како и директен пристап до реката Вардар.
Прашан за пораката од Димитар Ковачевски во однос на овие дата-центри и дали има разногласие во СДСМ, Филипче рече „раскол на тоа ниво со Димитар Ковачевски никогаш немало по ниедна тема“.
– Не е раскол, туку доказ дека ние сме вистинска демократска партија и сечие мислење се цени и може да се каже во јавноста – изјави Филипче.
На денешната прес-конференција, лидерот на СДСМ, меѓу другото, објави дека како алиби за распишување избори постоел договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, со процедурална интервенција од страна на пратеничката група на интегративците да се блокира работата на Собранието и тоа би водело кон предвремени избори.
Фото: Принтскрин




