Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со мерки за поддршка на граѓаните и семејниот буџет, а со почетокот на новата учебна година се намалуваат цените на училишниот прибор, посочи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.

Мерката ќе важи заклучно со 30 септември годинава, при што трговците на големо се задолжуваат да ги намалат цените на училишниот прибор за најмалку 10 отсто, додека трговците на мало треба да обезбедат намалување од најмалку 15 отсто.

Тој посочи дека мерката опфаќа широк спектар производи потребни за учениците, меѓу кои ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала, боици, пластелин, теста за моделирање, фломастери, линијари и дидактички материјали.

„Ова е конкретна и директна поддршка за семејствата во период кога родителите имаат зголемени трошоци за подготовка на своите деца за новата учебна година“, истакна Стојаноски.

Според него, за семејствата со повеќе од еден ученик ова ќе значи дополнителна помош и заштеда на семејните буџети.

Стојаноски посочи дека ова е трета година по ред пред почетокот на учебната година Владата да воведува „училишна кошничка“, со цел да им го олесни септември на родителите, да ги намали трошоците на семејствата и да придонесе за заштита на животниот стандард.

Тој оцени дека почетокот на учебната година треба да биде период на радост и убаво расположение за учениците и родителите, а не причина за дополнителна финансиска грижа.