Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска го обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека се фали со одлуката на обвинителството да не покрене обвинение во случајот со 19-те модуларни болници, од кои една беше зафатена од пожар во кој животот го загубија 14 пациенти.

„Венко Филипче се фали што обвинителството не покренало обвинение за 19 модуларни болници, а во една од нив изгореа 14 пациенти“, изјави Лефков на прес-конференција.

Тој посочи дека, според него, Филипче не треба да ја претставува одлуката како политички успех, оценувајќи дека станува збор за одлука на обвинителство за кое, како што рече, јавноста има ниска доверба.

„Замислете, Филипче се фали со дел од правосудството кое има два проценти доверба, конкретно обвинителството и обвинителот Ислам Абази, човек близок на ДУИ и СДС“, рече Лефков.

Според него, обвинителот Абази со одлуката за случајот „застанал зад Филипче“, а Лефков тврди дека при изградбата на модуларните болници биле прекршени законски и стручни процедури.

„Филипче дозволил изградба на модуларните надвор од сите правила на законот за градење, мислел само на задоволување на личните и партиските интереси, не ги слушал стручњаците од Министерството за здравство“, изјави Лефков.

Лефков оцени дека ваквите одлуки на обвинителството можат да имаат негативно влијание врз владеењето на правото и европската интеграција на земјата.

„Ваквите одлуки на обвинителот во заминување Абази ѝ носат штета на Македонија во она што значи владеење на право, пат кон ЕУ“, рече тој.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека СДСМ и Филипче не треба да ја користат одлуката на обвинителството за политичко фалење, а Лефков потенцираше и дека евентуалното појавување на нови докази може да отвори можност за повторно постапување.

„Клучно е да се има предвид дека во случај на евентуално нови докази може да има повторно постапка за истото дело“, додаде Лефков.