Министерот за здравство Венко Филипче ја заборави оставката по трагедијата во тетовската болница каде во пожарот изгореа 14 луѓе и се оддаде на партиска кампања за локални избори.

– На овие локални избори настапуваме со чист образ. Работевме посветено и одговорно. Со мудра политика ја одглавивме државата и градиме иднина, не за неколку луѓе во земјава туку за сите. Повеќе нема режим, има видливи резултати: живееме во демократија, уживаме светска безбедност, се лечиме во реновирани болници, ги зголемивме платите на здравствените работници, а младите специјализанти се сега со платен стаж. Пандемијата покажа дека здравствениот систем е еден од столбовите на оваа држава, објави Филипче на Фејсбук.

Тој ова го порачува од Радовиш, каде што му даде поддршка на кандидатот на СДСМ за градоначалник на оваа општина.

И додека Филипче тера партиска кампања јавноста се уште ги очекува резултатите од истрагата за трагедијата во Тетово, но засега нема ништо официјално ниту од македонската истрага, ниту од експретите од Германија кои се вклучија во истрагата за трагичниот пожар во модуларната болница.