Завршува првата фаза од проектот ПериМак со кој се донираше опремата во гинекологијата во Чаир, на Гинеколошката клиника и на одделот за интензивна нега на Педијатриската клиника, и истиот вроди со плод зашто значајно се намали смртноста на новороденчињата, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

ПериМак е дел од фондацијата на проектот ХОУП и Штарштундер од Германија, а целта е зајакнување на капацитетите на родилиштата.

– Се донираше многу значајна и вредна опрема, вкупната вредност надмина некаде околу милион и двесте илјади евра, и тоа што е најзначајно од се е што денеска дефинитивно се пушта во функција и елктронското мониторирање на ЦТГ кај жени кои чекаат породување, што значи дека од едно централно место ќе може да се мониторираат, и тој електронски систем да алармира и при најмала промена, рече министерот.

Додаде дека овој проект значеше и тренинг и пренесување на знаењата и вештините на лекарите и медицинските сестри.

– Од опрема се донираа кревети, специјална форма на вентилатори за интензивна помош кај бебето за да се одржи добриот капацитет на дишење по раѓањето. Донирани се и специјални ламби за осветлување доколку бебето има жолтица, специјални блендери што го мешаат кислородот со воздухот и тоа е една придобивка на технологијата последните години, додаде Филипче.

Истакна дека овој проект нема да заврши со оваа фаза, ќе следи опремувањето на родилиштата во Тетово и Куманово, а со буџетски средства комбинирано и останатите големи родилишта, во Струга, Струмица и родилиштето во Штипската болница, односно на сите места каде што се одвиваат најголем број на раѓања во нашата земја.

– Посебно би го истакнал моментот на едукација, нашите тренирани лекари и сестри кои што беа на едукација во странство ја преземаа обврската знаењто да го префрлат на своите колеги така да сега сите доктори и медицински сестри кои работа во овие споменати институции можат да ја користат оваа опрема, додаде тој.