Мерките кои ги воведе Владата за спречување на ширењето на Ковид-19 важат за сите организирани настани, семинари, конференциии, посета на угостителски објекти и на затворено за што постојат протоколи и на отворено за што ги задолживме да направат редарски служби. Нема одлука за институциите. Ја користам можноста да апелирам до раководителите на сите институции и државни и приватни да ги мотивираат своите вработени, посебно тие институции кои работат со голем број луѓе тие вработени да се вакцинираат.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека може да се организираат состаноци, конференции, семинари и работилници за кои има протоколи и за влез во такви објекти во затворено ќе биде неопходно да се даде сертификат за вакцинација.

Многу веројатно е дека овој механизам, посочи министерот, ќе бара една координација и ќе отвори многу предизвици и прашања и затоа ќе се координираат институциите кои треба сето тоа да го конторлираат.

– И досега беше во ингеренциите на инспекторатите да се контролира почитувањето на протоколите и колкав капацитет е пополнет од една просторија. Оваа недела ќе ги направиме тие координации за секој да си ги знае своите ингеренции. Задолжени се сите институции каде се организираат такви настани да имаат редарска служба која ќе ги бара тие сертификати и понатаму контролата преку инспекторатот. Имавме стручна дискусија и ставот е дека прележана болест, антитела, односно имунитет од прележана болест не штити доволно, не создава доволно имунитет како што создава вакцината, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој посочи дека сосема навремено ги предлагаат сите мерки и дека најавувале повеќе месеци наназад дека ќе ги воведат и го чекале моментов кога за тоа е соодветно. Појасни дека и кога минатата недела почна евидентниот раст, тогаш кога се зголеми и бројот на пациенти кои се хоспитализирани сметаат дека е добар период кога доаѓаат и месеци кога поголем број луѓе ќе бидат во затворено да се предложи ваква мерка.

– Во таа смисла се и овие координативни состаноци за подготовка на здравствениот систем, сите овие механизми со ротација на кадар, обезбедување распоред на здравствени установи кои би примале пациенти итн. Ние не мжеме да предвидиме дали овој раст ќе продолжи или ќе запре. Се надеваме дека ќе запре заради тоа што сепак имаме одредена бројка на вакцинирано население, околу 500.000 граѓани кои се вакцинирани и следниве недели ќе бидат ревакцинирани. Сметаме дека тоа може да го успори растот. Раст има и во другите земји, меѓутоа мора да ги преземеме овие мерки сега и тие се навремено преземени. Мислам дека ова ќе даде добри резултати со цел другите процеси кои треба да почнат од есенските месеци, на пример училиштата да почнат како што посакуваме, рече Филипче.

Податоците од анкетите, нагласи, покажуваат дека имаме проблем таму каде мерките не се почитуваат и сега за тие затворени простории имаме соодветни протоколи кои очигледно не се почитувале и затоа имаме еден ваков проблем. Посочи дека сепак луѓето планирале одредени настани и сметаат дека една недела до 16 август е разумен период ако треба да ги поместат, да ги одложат малку за да имаат време да се организираат.

Во врска со опфатот со вакцинацијата на наставниците, истакна дека засега е околу 60 проценти.

– Имаме секојдневна комуникација со Министерството за образование и наука кое често ги комуницира директорите на училиштатата за да тие ги мобилизираат своите вработени. Ќе видиме каков ќе биде одговорот до крајот на оваа недела. Ако продолжи со оваа динамика верувам дека висок процент на вработените и во МОН во делот на училиштата и во градинките ќе бидат опфатени со вакцинацијата. Во двата сектори сега е околу 60 проценти, додаде Филипче одговарајќи на новинарски прашања.

Болниците пак се полнат со заболени од Ковид-19

Денеска имавме координативна средба со директорите на повеќе клиники и болницата во Тетово и детската болница Козле во Скопје, на која разменивме информации во делот на приливот на пациенти во амбулантите и пациенти за хоспитализација, со цел да навремено се преземат сите чекори и работи кои што треба да се направат заради тоа што очигледно сме на почеток на еден нов бран, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.

Како што кажа Филипче, трендот на зголемување на бројот на заболени се реперкуира и во болниците, меѓутоа не насекаде исто.

– Во моментов Тетово е најкритичниот град, каде што има голем број на приеми на инфективното одделение и во модуларната болница, некаде околу 45 пациенти се веќе хоспитализирани во изминатите неколку денови. Освен тоа, бројките на новодијагностицирани се високи и во Скопје и во Гостивар, а од вчера и во неколку градови во државава, имаме и во Куманово, во Кичево, во Кавадарци во Струмица, меѓутоа во овие градови нема никаков притисок во болниците и во делот на амбулантските прегледи и во делот на хоспитализација на тие што треба да се примат на болничко лекување, кажа Филипче.

Тој информираше дека денеска направиле договор, систем за прием на сите пациенти кои што имаат потреба да се лекуваат болнички, од болницата во Тетово да се праќаат во Скопје, затоа штo , како што кажа, ќе се отвори вториот кат на Инфективната клиника за што е направена и координација на кадарот во Скопје.

Филипче потенцираше дека од вкупниот број на примени пациенти во болница кој што е некаде околу 150, значајно е зголемен во изминатите седум дена, а под 10 проценти се пациенти кои што се целосно вакцинирани и тоа се пациенти кои што се во релативно добра здравствена состојба во смисла на тоа да не се критични.

Во однос на вакцините, министерот спомена дека делта сојот е сој кој што е очигледно доминантен и пообрзо се шири, меѓутоа сè уште не е истражено дали истиот дава потешка слика на Ковид-19.

– Вакцината е ефикасна за сите соеви на вирусите. Нешто помалку за делта сојот, бидејќи е развивана за алфа сојот, меѓутоа, сосем доволно, 70-80 проценти да заштити од болест и тоа што е најважно, без разлика која вакцина, за 20 пати го намалува ризикот од смрт од Ковид-19, предизвикан од делта сојот на коронавирус, рече Филипче.

Дополни дека имајќи ги предвид епидемиолошките анкети, податоци, кои што во болницата во Тетово укажаа дека огромен број, повеќе од пола од хоспитализираните пациенти присуствувале на прослави и забави, вчера се донесоа повеќе одлуки на седницата на Владата.

– Прво, да се забранат сите настани и прослави во затворен простор, по 15 август и од 15 односно 16 август да биде задолжително прикажување на доказ потврда дека граѓанинот е вакциниран со најмалку една доза на вакцина при влез во сите затворени и отворени објекти каде што има настани, прослави, семинари, сподели Филипче.

При што изјави дека со тоа сакаат да постигнат неколку работи, помеѓу кои и да се зголеми опфатот на вакцинација, со цел да не бидеме приморани понатмау да воведуваме уште порестриктивни мерки а животните процеси да продолжат како изминатиот период.

Филипче на денешната прес-конференција истакна дека во есенските месеци очекуваме ризик факторите да се зголемат, поради тоа што поголема бројка ќе биде назад на работните места и ќе се организираат повеќе настани на затвоерено.

Тој потсети дека има сосем доволно количини на вакцини и апелираше до граѓаните да се вакцинираат бидејќи тоа е единствениот механизам за постигнување колективен имунитет.