Министерот за здравство Венко Филипче во објава на Фејсбук изрази разочарување од собирот на верниците што се одржа попладне во Струга и побара да се спроведе истрага како се дозволило да се случи.

Апелира до граѓаните да се воздржат од собири и да се почитуваат мерките со цел да се задржи позитивниот тренд во справувањето со вирусот Ковид -19.

-Сцените кои ги гледам денес од Струга се крајно разочарувачки за мене. Ги толкувам единствено како целосно непочитување на здравствените работници и сите кои деноноќно работат за да ја надминеме кризата. Од почетокот постојано повторувам дека без поддршка од граѓаните, здравствените работници не можат да направат ништо. Буквално ништо. Ако сакаме да го задржиме овој позитивен тренд мора ги почитуваме мерките без исклучок. Исто така, барам да се спроведе истрага како се дозволило да се случи ваков вид на собир кој е строго забранет. Апелирам до граѓаните да се воздржат од било какви собири за да конечно почнеме да го враќаме животот во нормала, стои во објавата на министерот Филипче.