Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска ќе пристигне во посета на Република Македонија.

Како што е најавено, Фон дер Лајен ќе биде примена од претседателот на државата Стево Пендаровски, а ќе оствари средби и со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Претседателката на ЕК, за време на посетата на Скопје, денеска ќе се обрати пред Собранието на Република Македонија, во рамки на 80. пленарна седница, со почеток во 13 часот.

На седницата се поканети претставници на дипломатскиот кор, кои ќе можат да го следат обраќањето на претседателката на ЕК од галеријата во пленарната сала.

Пред одржувањето на собраниската седница, соопштија од собраниската прес-служба, предвидена е средба на претседателката на ЕК со претседателот на Собранието Џафери, во салата „Длаборез“.

По завршувањето на 80.седница, закажана е нова 81. седница, со почеток во 13.30 часот, на чиј дневен ред е Информација за содржината на Предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Македонија со Европската Унија, предложена од претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година.

Од владиниот Сектор за односи со јавноста, најавија дека е предвидена тет-а-тет средба на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен со претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, по што ќе следи и билатерална средба.