Откако почна да се спроведува владината мерка за забрана на собирање на јавни места, поради опасност од ширење на вирусот Ковид-19, и верските заедници донесоа одлука да не се практикуваат големи верски собири.

Притоа, во различни форми беше испратен и апел секој да го даде својот придонес за надминување на актуелната криза, но не само со тоа што ќе ги почитува посочените мерки, туку и од својот дом ќе упатува молитви кон Бога.

– Ваквата ситуација придонесе православната Црква да развие и алтернативни начини за привремено следење на богослужбите. Еден од нив е и директниот пренос на богослуженијата на Фејсбук и Јутјуб, што започна да го практикува и нашата обител. Овој начин предизвика огромен интерес кај гледачите, така што богослужбите се следени од неколку десетици илјади луѓе, не само од нашата земја, туку ширум светот, вели сестра Ефимија.

Инаку, ова не е првпат Обителта во живо да пренесува богослужби, бидејќи на барање на верниците, тоа се случувало и претходно особено во текот на Велигденскиот пост.

Според мислењето на многумина, изразено во бројните позитивни коментари, со ваквата практика се става голем акцент на домашната молитва, на семејните собири, односно на обидот за враќање на традиционалната атмосфера во која семејството би требало да живее, со што природно ќе доминира неговата конструктивна улога во градењето на едно здраво општество.

„Сите сме заедно и нашите деца им се радуваат на богослужбите“, „Движењето надвор ни е ограничено, не смееме да излеземе, ама убаво е тоа што сме собрани заедно и следиме богослужба од дома. Ви благодариме, ова ни е голема поткрепа“, „Православниот народ е обединет околу заедничката молитва“, … се само дел од коментарите што може да се прочитаат.

Инаку, социјалните мрежи се преплавени со фотографии и видеа во кои се потврдува ова.

– Ние православните верници, кои сега се наоѓаме во периодот на Великиот пост, преку можноста во живо да ги следиме богослужбите на Бигорскиот манастир, чувствуваме голема поткрепа во ова време на испитанија. Порачуваме сите да го практикуваат ова, велат неколку верници од Дебар, кои претходно често присуствувале на богослужбите.

По прогласувањето на кризната состојба поради коронавирусот во општините Дебар и Центар Жупа, манастирот во Рајчица е целосно затворен за посети, додека, пак, во Бигорскиот, кој територијално припаѓа во општина Маврово и Ростуше, посетите се редуцирани.