Жителите на село Саса се евакуираат пред огнената стихија, а Македонска Каменица се мобилизира со сите расположливи средства за гаснење на големиот пожар кој ги зафати домовите на жителите од маало Аџии и Траканица, како вонредна вест објави порталот Каменица.мк.
Тие информираат дека е побарана помош од сите центри и координативни тела за управување на кризи на регионално и национално ниво, а екипи се на терен и во текот на ноќта.
– Страшниот пожар во село Саса не престанува. Според информации од терен се евакуираат луѓето кои живеат во близина на маалата Траканица и Аџиите. Ангажирани се голем број на човечки и технички ресурси како од Македонска Каменица така и соседните градови. Се поизвесно е дека во утринските часови неминовна ќе биде потребна интервенција од авионско гаснење. Фотографиите се од самото место каде се гасне пожарот во Саса, пишува Каменица.мк, од каде што се позајмени и фотографиите.
Во гаснењето на пожарот во текот на целиот ден биле ангажирани екипи на ТППЕ од Македонска Каменица и регионот, екипи на Македонски шуми и на Шумска полиција.
Луѓето се евакуираат и земаат она што може да се понесе и спаси пред стихијата.