Тоа се херои, гледајте како се бореа за својата идеја и сами се убија, им рекол турскиот потпоручникот Нијази-бег и наредил почесен плотун над мртвите тела на комитите и нивниот војвода Методија Патчев, во прилепско Кадино Село, на 7 април 1902 година.
Така завршил животот на војводата Патчев, кој е роден на денешен ден, 20 мај 1875 година и имал само една година, кога на другиот крај од Македонија, на истокот, на 20 мај 1876 година било дигнато Разловечкото востание.
Патчев е еден од најпознатите македонски револуционери од преиодот пред Илинденското востание. Делото на ТМРО му било над се, а со своите постапки секогаш бил правичен и бескомпромисен.
Средба со Делчев
Неговите родители, Јаќим и Марија биле сиромашна рибарска фамилија. Јаќим не сакал неговите деца да го наследат занаетот, па затоа Коста и Сандре ги дал да го учат ќуркчискиот (кожарски) занает, а синот Никола не сакал да чиракува, велел дека душата ќе му смрди на штавени кожи. Методија како најмал го дал да учи, а ќерка му Вета ја оставил дома за да и помага на мајка си, бидејќи во куќата биле пет мажи.
Методија завршил основно училиште и четири класа класно училиште во Охрид. Бидејќи родителите биле сиромашни, не можеле да го испратат на школување надвор од Охрид, иако за тоа и тој и тие мечтаеле. Затоа извесно време работел во ќуркчиските дуќани, а и како рибар му помагал на татка си.
Кога заштедил малку пари, во почетокот на 1886 година го напуштил родниот град, заминал во Солун, па во Софија, а потоа во Самоков отпочнал курс во специјалното училиште, каде се изучувале повеќе занаети. Таму бил активен и ученичкиот кружок, кој бил посетуван од раководителите на ВМРО, меѓу кои и Гоце Делчев.
Во 1896 година се вратил во Охрид и се занимавал со учителска дејност во основното училиште „Св. Кирил и Методи“. Во истото училиште за учител бил назначен и неговиот сограѓанин Христо Узунов. Истата година влегол во ТМОРО. Во 1894 година, само една година по формирањето на ВМРО во Солун, се формирала и охридската револуционерна организација. До 1900 година во револуционерниот комитет влегле Христо Узунов, Методија Патче, Кирил Прличев, Лука Групче, Климе Заро, Анастас Каневче и други. Узунов и Патче многу придонеле за омасовување на револуционерното движење во Охридско. Често пати Узунов, за да не биде забележан од турските власти, по куќите каде што требало одел облечен како поп, а Методија Патче му го носел како клисар котлето со „светена вода“.
Поради ликвидација на кодош во Охрид, иако немало сведоци, Патчев бил уапсен од турската власт и осуден на 15 години робија во битолскиот затвор, а во 1901 година бил амнестиран.
По излегување од затворот, во учебната 1901/1902 година Методија Патче бил назначен за учител во Прилеп. Но, турската власт му забранила да работи како учител, па преминал во илегала и се приклучил на четата на Марко Лерински (Георги И. Ѓуров). Тој бил бугарски офицер кој, придобиен од Гоце Делчев и Ѓорче Петров во 1900 година, станал член и војвода на МРО. Со неговата официрска подготовка, и организациски способности, придонел за обука на македонските револуционери и војводи, меѓу кои бил и учителот Патче. Во октомври 1901 година, Методија Патче бил назначен за војвода на чета во Прилепско. Со намера да привлече и зачлени поголем број комити во Организацијата, патувал низ прилепскиот регион и за кусо време дошле до израз неговите организаторски способности.
Последната битка во Кадино Село
Откако на 6 април 1902 година, на селската слава Благоец, војводата Патчев дошол со шестмина комити во прилепско Кадино Село, за да покрсти нови членови за организацијата, бил предаден и опкружен од турскиот аскер и башибозук. Додека војводата со четата биле сместени во старата кула, а народот за тоа време бил во црква, околу пладне во селото дошле околу 500 вооружени луѓе, меѓу кои аскер од Битола.
Претходно четата не била известена за движењето на силниот аскер кон Кадино Село и немала ниту време и можност да се извлечат од кулата и селото. Од сите страни опколени, четата се забрикадирала во кулата. Започнала нерама јуначка борба која траела до наредниот ден (7 април 1902 година), до моментот кога на четата им снемало муниција. На Патче и комитите не им преостанало ништо друго освен да се предадат или да умрат. На повикот од аскерот да се предадат одговориле дека „македонски борци не се предаваат“. Со песна, после 24-часовна борба, Методи Патчев и неговите соборци со последните куршуми извршиле колективно самоубиство.
Откако стивнала пукотницата, Турците влегле во кулата, а глетката била потресна. Со прострелни рани комитите како да и оддавале последен поздрав на својата мајка земја и на својата татковина Македонија. Тогаш командантот, потпоручникот Нијази-бег, кој подоцна бил еден од истакнатите членови на Младотурската револуција, покажувајќи на положените тела на комитите, пред аскерот изјавил: „Тоа се херои. Гледајте како се бореа за својата идеја. Сами се убија“. И, по негова заповед, со плотун преку мртвите тела, Турците им оддале почит на македонските јунаци.
За војводата Методија Патче се испеани повеќе песни, а една од нив е и „Јас Методи Патче од Охрида“.
Разловечко востание
На денешен ден пред 143 години во селото Разловци во Источна Македонија било дигнато Разловечкото востание против османлиската војска. И покрај неуспехот на востанието, тоа подоцна имало големо значење за будењето на националната свест на македонскиот народ.
Организатори и главни иницијатори на востанието биле Димитар Поп Георгиев Беровски (1840-1907) и неговиот дедо Поп Стојан од Разловци.
Димитар Беровски се школувал во Русија и во Србија, а потоа се вратил во Разловци, каде станал учител. Тој заедно со своите браќа, зел учество во борбата против грчкото духовништво, а за своја црква и училишта. Но, за тоа бил осуден и одлежал затвор.
Подоцна почнал план за кревање востание во Македонија.
Во 1875 година заминал во Солун каде формирал таен кружок. Најголем проблем за успешно востание претставувал недостигот на средства за оружје, муниција, облека и санитетски материјал.
За да дојде до пари, Димитар Беровски одлучил да го продаде својот имот во Берово, а за таа цел, дел од својот имот продал и Поп Стојан, кој ветил и дека ќе им го исплати сиот десеток на селаните од Разловци за да можат да си купат оружје. Откако било купено оружје и муниција било пренесено во тајни складови во Разловци, Пијанечко и во Радовишко.
Во месноста Колаџерџево, во подножјето на планината Голак, се одржале неколку подготвителни состаноци. На еден од нив било решено востанието да го зафати источниот дел од Македонија. Тоа требало да започне во Пијанец, каде требало да се ослободи главното место Царево Село (денес Делчево), и Малешевско, при што, со заеднички сили требало да се заземе Берово во кое имало помалку турски аксер, и на крајот да биде извршен заеднички напад на главниот град во тоа време на двете области, Пехчево, каде што било и седиштето на мудурлакот. Потоа, востанието требало да се прошири и во Радовишко, Струмичко, Петричко и Мелничко.
На 19 мај 1876 г. било одржано последното советување, на кое учествувале 30- тина вооружени борци. Во текот на состанокот пристигнала вест дека во селото Разловци пристигнале турски даночни чиновници. Уплашени да не бидат откриени, востаниците одлучиле востанието веднаш да започне. Преку ноќта се собрале уште 30 вооружени селани и било одлучено востанието да започне во селото Разловци, а потоа да се прошири. За војвода и главен водач бил избран Димитар Беровски.
Поп Стојан: Слободата е поскапа од се
На 20 мај 1876 година, во утринските часови, Разловци било нападнато од востаниците. По наредба на Поп Стојан, син му Костадин го запалил сопствениот ан за да им даде пример на селаните дека го жртвува имотот за слободата која е поскапа од сè. Откако ја извеле акцијата, еден дел од четата, предводена од Беровски, заминала кон Малешевијата, за да се соединат со од порано подготвени 300 малешевци.
Другата група под водство на Цоне Спасов требало да ги евакуира жителите на Разловци и нивната стока, а потоа да се приклучи кон главните востанички сили. На пат кон Берово, кај селото Митрашинци, Димитар Беровски и неговата чета имале судир со помала турска воена единица. Таа била растерана, но притоа Беровски бил ранет во главата, па востаниците наместо да одат кон Малешевијата, се вратиле назад, во Разловци. Од Разловци, четата на делумно закрепнатиот Димитар Беровски продолжила кон Кочанско.
Откако ги победила Турците во Лаки, четата тргнала кон селото Смилјанци, Радовишко, каде од порано имало складирано оружје. Меѓутоа, во Смилјанци дошло до предавство и востаниците доживеале неуспех.
На 29 мај, турскиот аскер, засилен со башибозук од околу 1.000 души, тргнале во противофанзива против 300 востаници. Селаните кои не успеале да побегнат биле убивани, оставани за пример на населението, а дел од селаните од реонот биле мачени како затвореници во Сер, Солун и Скопје.
Поп Стојан се самоубил, а околу 30 востаници од разловечката чета, на чело со Димитар Поп-Георгиев Беровски, успеала да се задржи и да ја продолжи борбата во Малешевските планини, Пијанец, Осоговските Планини и во Кресна.
Неколку месеци пред почетокот на востанието, Димитар Беровски им порачал на двете учителки од Солун, Недела Петкова и Станислава Караиванова, мајка и ќерка, да извезат знаме за востанието. Знамето било изработено на жолта подлога со разјарен црвен лав, и на него пишувало: Македонија.
По задушувањето на востанието, Димитар Беровски успеал да го пробие обрачот и со себе го зел и знамето, кое денес се чува во Воено-историскиот музеј во Софија.
(Подготвил: Д.Г.)