Деца облечени како омилените суперхерои по повод денот на шегата, денеска прошетаа на плоштадот во Скопје и измамија насмевка кај случајните минувачи.

Први Април не е национален празник, но насекаде се прославува и се одбележува присуството на весели шеги и трикови со пријателите, членовите на семејството, наставниците, соседите, колегите.

Па така, и кај нас на скопскиот плоштад „Македонија“ денеска прошетаа дечиња со најразлични маски, најмногу можеа да се забележат маски од суперхероите Спајдермен и Бетмен, а повеќето девојчиња беа облечени како принцези. Меѓутоа, она што недостасуваше беа кретивни и рачно изработени маски.

Сепак, од оние ретките кои прошетаа на плоштадот, највпечатлива беше еколошката маска-отпад, идеја на група деца од градинката „Мини фини буџетчиња“.

– Идејата ја добивме односно инспирацијата од целокупниот проект на кој интензивно сме посветени два месеци и од тоа се што беше сработено преку игри активности поврзани со екологијата, рециклирање, заштитување на животната средина, како дел од проектот се собраа децата и дојдоа до идеја јас да бидам отпад, конкретно јас сум пластика, изјави педагогот на групата дечиња.

Таа додаде дека на овој начин преку забава се придонесува за зголемување на свеста за животната средина кај децата уште од најмала возраст, потенцирајќи дека за жал се повеќе се купуваат маски, наместо да се изработуваат.

– Децата иако дојдоа со купени маски, ова на мене е исклучиво нивна инспирација, односно идеја, забележа педагогот.

И директорката на градинката, Елеонора Ангелеска, се согласи дека треба да се практикуваат повеќе креативни, рачно изработени маски, отколку купени.

– Родителите најчесто ја следат желбата на децата, некогаш има и креативни родители кои изработуваат дома маски и можам да кажам дека да креативните се подобар избор, бидејќи и кај децата се развива креативноста, тие учестуваат во изготвувањето на маските и таа активност предизвикува поголема возбуда, односно среќата, кога ја носат и ја покажуваат, изјави диртекторката.

Освен креативни маски, на плоштадот недостасуваше и манифестацијата „Априлијада – Скопје се смее“ која беше прекината поради настаната ситуација со Ковид пандемијата.

Претходници на Денот на шегата се римскиот фестивал Хиларија, кој се одржувал на 25 март и средновековниот Фестивал на шегата, кој се одржувал на 28 декември. Обичајот да се прават добронамерни шеги на соседите е обичај прифатен низ целиот свет, и се проценува дека денот на шегата го прославуваат околу 1 милијарда луѓе низ светот.