Француската Генерална дирекција за здравство синоќа заклучи дека во земјата е дојдено до „јасно влошување на состојбата“,со епидемијата со Ковид-19. Иако се уште не е време за паника, сега е јасно дека индикаторите за надзор за епидемијата Ковид-19 почнуваат да се распалуваат во некои делови на земјата, оцени дирекцијата, јави дописникот на МИА.

На почетокот на оваа недела, болниците во Марсеј и Бордо ги засилија алармите. „Обновата на циркулацијата на вирусот е поголема од она што можеше да се замисли на почетокот на септември“, изјави претседател на Научниот совет, Жан-Франсоа Делфраси, додавајќи дека владата ќе мора да преземе голем број тешки одлуки на краток рок за да се спречи повторното воведување на општи мерки на карантин за сите.

Сите овие показатели, упатуваат на непосредно донесување на нови мерки или зајакнување на постојните.

-Колку подолго чекаме толку посилни и подолги се мерките што треба да се преземат, вели професорот Арно Фонтане, лекар и епидемиолог од Институтот Пастер и член на научниот совет. Предупредување кое, доаѓа од една од фигурите во борбата против епидемијата, се чини дека сигнализира крај на летниот одмор.

-Не смееме да чекаме 15 дена. Ние мора да дејствуваме сега, локално, каде епидемијата е најдинамична, вели тој.  

Конкретно, многу е јасно: ширењето на вирусот се интензивира во Франција. Во изминатите седум дена, позитивни на тестирањата беа нешто повеќе од 45.000 лица. Ова е за четири пати повеќе отколку во првата недела од август. Зголемување што не може да се објасни со драстичното зголемување на бројот на извршени тестови, околу еден милион за една недела.

„Од почетокот на јули, бројот на тестирани пациенти е двојно поголем, а бројот на нови случаи е за 12пати поголем, објаснуваат француските здравствени власти. Сега, 19 департамани го надминаа прагот на тревога, утврден на 50 случаи на 100.000 жители.

Откако неколку недели, ширењето на вирусот беше спокојно, сега тоа почнува да се манифестира во индикатори во болницата. Во вторникот, 86 нови лица беа примени на интензивна нега, со што вкупниот број достигна 574. Резултат кој не беше достигнат од 12 мај. Во текот на изминатата недела, ова се однесува на околу 320 лица, во споредба со 140 за првата недела од август. Во исто време, 490 лица беа хоспитализирани во вторникот: речиси четири пати повеќе отколку на почетокот на август. Дневниот биланс на жртви (39 лица во вторникот) се уште е далеку под оној што го доживеа земјата во екот на епидемијата (околу 600 смртни случаи на ден на почетокот на април).