Големиот пожар што делумно ја уништи катедралата Нотр Дам во Париз, е целосно изгаснат, соопшти утрово портпаролот на париската противпожарната бригада.

Во меѓу време, градоначалничката на Париз, Ана Хидалго најави дека ќе организира донаторска конференција за реконструкција на париската катедрала.

Неколку донатори веќе најавија дека ќе донираат пари за обнова на Нотр Дам. Така, регионот Иле де Франс, во кој се наоѓа и градот Париз, соопшти дека ќе додели 10 милиони евра, групата ЛВМХ на луксузни стоки на францускиот милијардер Бернар Арно ќе донира 200 милиони евра, а сопственикот на „Керинг“, Франсоа Анри Пино соопшти дека ќе донира 100 милиони евра за Нотр Дам.