Судбоносното „да“ денеска ќе го кажат зетот Огнен Караѓозовски и невестата Марина Петровска во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“ како дел од свадбарските обичаи во рамки на традиционалната манифестација „Галичка свадба“.
Културно-туристичката манифестација „Галичка свадба“ започна синоќа со изведување на првите свадбени обичаи, во куќата на зетот каде се накити бајракот, а потоа со три истрели се означи почетокот еден своевиден фестивал на мијачкиот фолклор.
Марина има потекло од Крива Паланка, но одамна е преселена, а Огнен има потекло од едно големо галичко семејство. Тој во повеќе наврати бил вклучен во органзацијата на претходните свадби и учествувал како статист.
Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи. За успешен тек на манифестацијата се ангажирани стотина статисти облечени во автентични галички носии. Традционалните ора и игри ќе бидат задолжение на триесетина членови на КУД „Фолклорни бисери“. Особено атрактивна е коњицата со коњаниците кои во неколку наврати ќе ги бодињаат коњите по тесните галички сокаци. За да се одвива сé според сценариото ќе има и техничка поддршка, односно годинава за свадбата работно ќе биде за над 250 луѓе. За време на викендот, во Галичник ќе биде воспоставен и специјален сообраќаен режим, за полесно следење на фестивалот.
Новината што минатата година се покажа како исклучително атрактивна, годинава ќе биде унапредена. Лајв стрим (видео пренос) од целиот настан ќе има над 12 часови. Програмата, освен на голем лед екран поставен на платото, ќе може да се следи и преку интернет и други телевизиски платформи.
Традиционалната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“ годинава се одржува три дена од 12 до 14 јули, а покровител на годинешната „Галичка свадба“ е претседателот Стево Пендаровски, кој по татко е галичанец.