Дебарските средношколци од гимназијата „28 Ноември” од понеделник ќе започнат да посетуваат настава со физичко присуство.

Ова е заедничка одлука на самото училиште, Советот на родителите, професорите и Советот на општината, ккако и желба на самите ученици, кои утрово втор ден протестираа против онлајн наставата наложена од Министерството за образование.

-Училиштето ќе ги отвори вратите за учениците од понеделник во две смени, најави директорот Рамадан Имери, кој е дециден дека училиштето ги исполнува сите пропишани услови за физичка настава и имплементирани препораките од надлежните министерства, а позитивна оцена била добиена и од образовниот инспекторат.

Гимназијалците од двете средни училишта во Струга, исто така масовно излегоа на протест и побараа настава со физичко присуство, а локалната власт застана на нивна страна.

Министерката Царовска во врска со ова изјави дека најавувањето бојкот или нарушување на протоколите во училиштата е неконструктивен начин на надминување на оваа криза во нашата држава.

-Секој од нас е одговорен за јавното здравје и правото на здравје. Ако некој директно и свесно го загрозува здравјето на другиот, тогаш имаме прекршување на закон и на Устав. Затоа ги повикувам сите наши граѓани, сите родители, наставници и ученици, дека секој од нас треба да се справува на конструктивен начин со оваа епидемија, рече Царовска.