На кинескиот претседател Си Џинпинг нема да му недостигаат сонародници за време на кратката обиколка на Рим во рамки на неговата државна посета на првата од трите станици во Европа, пред Франција и Монако, пишува Гласот на Америка од Вашингтон.

Италијанскиот Вечен Град е магнет за растечкиот кинески туризам и покрај тоа што во сезона римскиот аеродром Фумичино е преполн со кинески туристички групи, кои во редици чекаат на безбедносните премини и во фришоповите.

За Италијанците, финансискиот прилив од кинеските гости е добредојден. Со тоа надоместуваат за намалувањето на бројот на туристи поради глобалната финансиска криза по 2008 година.

Но, кинескиот туризам, според некои аналитичари, не е она што се чини навидум.

Пекинг не се двоуми да го употреби туризмот како метод за наградување на пријателите и казнување на критичарите, предупреди неодамна Стратфор.

Пекинг ги насочува туристичките текови со доделување статус на одобрена дестинација.

– Оваа ознака регулира каде кинеските туристички групи се овластени да патуваат и како патувањата се пласираат во Кина, наведува Стратфор.

Тоа може да направи значителна разлика. Во 2017 година, Пекинг успеа да го намали за повеќе од половина бројот на кинески туристи кои патувале во Јужна Кореја, со цел да го казни Сеул поради поставувањето на американскиот систем за ракетна одбрана на терминал на голема висина.

Туризмот, сепак, не е приоритет на агендата на Си во Рим. Италија размислува за приклучување во глобалната трговска и инфраструктурна програма на Пекинг, неформално позната како Нов пат на свилата, а формално како Иницијатива појаси и патишта.

Проектот за трговија, инвестирање и инфраструктура во вредност од трилиони долари е дел на надворешната политика на Си. Од 2013 година досега Пекинг веќе инвестираше 700 милијарди долари во повеќе од 60 земји.

Голем дел од инвестициите се во форма на големи инфраструктурни кредити за владите. Идејата, како што беше наведено од страна на кинескиот лидер, е да се привлечат овие земји поблиску до Пекинг, а кинеската моќ да зајакне во странство.

Некои аналитичари гледаат паралела и во туризмот. Посочуваат дека големите инвестиции можат да се употребат во функција на политичко влијание, во уште поголем обем од она што Кина го прави преку туризмот.

Италијанската Влада треба да потпише меморандум на разбирање со Кина во областа на телекомуникациите и пристаништата. Со тоа Италија ќе стане првата членка на Г7 што ќе учествува во Иницијативата појаси и патишта.

Ова ги алармира Вашингтон и европските лидери.
Повеќе европски земји, вклучувајќи ги Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Полска, Португалија, Словачка и Словенија веќе имаат потпишано ваков меморандум со Пекинг.

– Некои ова го сметаат за стратешка алатка на Пекинг да ја прошири својата сфера на влијание. За други, наместо да ги зајакнат земјите учеснички, им задаваат огромен долг, вели Хуан Лок Доан, аналитичар на Глобалниот политички институт во Лондон.

На неодамнешниот самит на Новиот пат на свилата, Хелмут Шолц од Европскиот парламент рече дека Иницијативата појаси и патишта често се споредува со Маршаловиот план.

– Сепак, Новиот пат на свилата главно ќе обезбедува заеми, а не грантови, за разлика од Маршаловиот план. Тоа значи дека тие кредити ќе мора да се вратат, изјави Шолц.

Тој изрази загриженост дека Иницијативата појаси и патишта ги води земјите кои земаат кредити во спирала на долгови, а потоа тоа може да се искористи за политичко влијание од страна на Пекинг.

Европскиот парламент лани во септември предупреди дека инфраструктурните проекти во рамките на масивната кинеска програма „можат да создадат големи долгови“ за европските земји кои ќе земаат кредити од Иницијативата појаси и патишта.

Предупредување стигна и од Националната безбедност во Белата куќа, објавено на 9 март во порака на Твитер.

– Поддршката на Иницијативата појаси и патишта му дава легитимност на кинескиот предаторски пристап кон инвестициите и нема да има корист за италијанскиот народ, предупреди Вашингтон.

Италијанската популистичка коалициска влада е поделена околу тоа дали да се потпише договор со Иницијативата појаси и патишта.

Причините за ова лежат во италијанската економија. Лидерите на коалицијата на гласачите на минатогодишните избори им ветија работи што не можат да ги исполнат, од зголемување на државните пензии до „плата за живот“ за секој Италијанец.

Премиерот Џузепе Конте се обидува да избере среден пат, изјавувајќи за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ дека Италија останува добар пријател на САД, но не може да види зошто тоа треба да ја спречи италијанската Влада да потпише договор со Кина.

– Мислам дека тоа може да биде можност за нашата земја, рече Конте.

Но, обидот да се постигнат двете работи може да не функционира. Коалициските лидери, десноориентираниот популист Матео Салвини и Луиџи ди Мајо, лидер на италијанското Движење Пет ѕвезди, се идеолошки приврзаници на администрацијата на Трамп.

Но, нивната подготвеност да му се допаднат и на Пекинг во исто време придонесува за нивната репутација дека се контрадикторни и несигурни, велат официјални претставници на САД.

– Неизбежно ќе биде заладување на односите меѓу Вашингтон и Рим, предвидува еден американски дипломат со седиште во Рим.