Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти денеска дека Владата ќе одговори ако САД воведат нови царини пред очекуваната објава од американскиот претседател Доналд Трамп за нови царини за кинески стоки во вредност од 200 милијарди долари.

Портпаролот на Министерството Генг Шуанг изјави дека какви било разговори меѓу двете држави треба да се одржат на рамноправна основа. Кина нема да биде задоволна само со тоа да игра одбрана во се посилната трговска војна со САД, објави „Глобал тајмс“.

Пекинг, исто така, може да одбие да соработува во предложените разговори со Вашингтон овој месец, ако администрацијата на Трамп продолжи со дополнителни царини, објави Волстрит џурнал, цитирајќи кинески официјални претставници. Во извештајот на весникот се пренесува изјава на кинески претставник кој вели дека Пекинг нема да преговара со „пиштол вперен во нивната глава“.

САД и Кина меѓусебнио наплаќаат царини на стоки во вредност од 50 милијарди долари. Во текот на викендот западни медиуми јавија дека Трамп нови царини за Кина може да воведе веќе од денеска.