Во познатата катедрала Нотр Дам во Париз денеска изби пожар, соопштија претставници на противпожарните служби, јави Би-Би-Си.

Во тек е голема операција за гаснење на огнот, а портпаролот на институцијата на Твитер напиша дека областа е расчистена од луѓе.

Засега не е позната причината за пожарот, но се претпоставува дека е можно да е поврзано со реновирањето на катедралата.

Градоначалникот на Париз потврди дека голем пожар ја зафатил Богородичната црква и упати апел луѓето да стојат понастрана и да не им пречат на пожарникарите. Тој рече дека противпожарните бригади се обидуваат да го стават под контрола огнот.

„Ужасен пожар е во тек во катедралата Нотр Дам во Париз. Пожарникарите се обидуваат да го стават под контрола огнот. На локално ниво сме мобилизирани и во постојан контакт со црковните власти. Барам сите да го почитуваат безбедносниот периметар”, напиша таа на Твитер.

Околу 13 милиони посетители и верници ја посетуваат црквата годишно, или во просек околу 30.000 дневно. Во најфреквентните денови, над 50.000 луѓе дневно влегуваат во катедралата. Таа е катедралата на Париз и седиштето на архиепископот на градот. Богородичната црква се смета за најубавиот пример за француската готска архитектура, изградена е пред 850 години.

Фотографиите кои се објавени на социјалните мрежи покажуваат како излегува густ чад над 850 години старата готска градба.

Минатата година, Католичката црква во Франција упати итно барање за финансиски средства за спасување на катедралата, која почна да се урива.