Полицијата во текот на вчерашниот ден во два одвоени случаи пронашла вкупно 148 лица мигранти сокриени во товарни возила.

Во близина на Прждевски споменик, Демир Капија, биле откриени 103 мигранти од Пакистан, Авганистан, Индија, Египет, Иран и Сирија, а на место викано „Врело“ во село Ваксинце, Липково, 45 мигранти од Сирија, Бангладеш, Сомалија, Пакистан и палестинските територии.

Од МВР денеска информираа дека од полициски службеници од Полициската станица Неготино, во близина на Прждевски споменик вчера во 08.50 часот било сопрено патничко возило „Ауди“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.К. (35) од Скопје, а веднаш по него и товарно возило „Мерцедес“, со битолски регистарски ознаки.

– Возачот на товарното возило, А.М.(37) од Липково се дал во бегство, но по кратко бил пронајден. Во товарното возило биле пронајдени 103 мигранти од Пакистан, Авганистан, Индија, Египет, Иран и Сирија. Двајцата осомничени биле приведени во Полициската станица Неготино за понатамошна постапка, стои во соопштението и се додава дека е известен Јавен обвинител, а мигрантите се сместени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ Гевгелија за понатамошна постапка.

Синоќа во 19.10 часот во Полициската станица за граничен надзор Сопот било пријавено дека на место викано „Врело“ во село Ваксинце, Липково, било затекнато товарно возило „ивеко дејли“, со скопски регистарски ознаки, управувано од непознато лице, кое се дало во бегство.

– Во возилото биле пронајдени 45 лица мигранти од Сирија, Бангладеш, Сомалија, Пакистан и палестинските територии. Мигрантите биле сместени во Транзитниот центар „Табановце“ за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, појаснуваат од МВР.