Во Скопје почна голема акција за засадување 3.500 нови садници, а до крајот на сезоната се предвидува вкупно да бидат засадени 6.000 дрвја низ градот, објави на Фејсбук скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
-Секое ново дрво е влог во градот во кој живееме и во иднината на нашите деца. Повеќе сенка за летните денови, почист воздух и повеќе зелени места за прошетки, игра и дружење – напиша Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со акцијата ќе бидат опфатени парковите, зелените површини долж булеварите, како и јавните простори низ целиот град.
-Ги опфаќаме постојните паркови, новите паркови што ги подигаме, зелените површини долж булеварите и јавните простори низ целиот град. Во секоја општина, за секое маало, за сите скопјани! – посочува скопскиот градоначалник.
Ѓорѓиевски нагласува дека создавањето зелено и чисто Скопје останува еден од неговите приоритети.
-Зелено и чисто Скопје е обврска на која сум силно посветен. Секој засаден корен денес е ветување за поздраво и поубаво утре – вели тој.
Во објавата додава дека целта е зад себе да останат повеќе дрвја, паркови и трајни дела за идните генерации.
-Зад нас нека останат дрвја што ќе растат, паркови што ќе живеат и дела што ќе траат. За Скопје што дише. За генерациите што доаѓаат. Скопје се сака со дела! – порачува скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски.




