Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ објави на Фејсбук дека е позитивен на ковид 19.

„Почитувани сограѓани,

И покрај заштита за целото време на пандемијата на КОВИД-19, резултатот од тестот кој го направив утринава, откако почувствував покачена телесна температура е позитивен.

Останувам во домашна изолација и ги следам инструкциите на лекарите…“ вели Богдановиќ.

Позитивен на САРС КОВ 2 е и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.

„Засега се чувствувам добро. Имам само повисока температура и болки во мускулите и чувствувам изнемоштеност, изјавил за Република, кој синоќа го добил позитивниот тест на корона вирусот и е во домашна изолација.

Јованоски истакнал дека се посомневал дека може да ги има симптомите по покачената телесна температура.

„Имав температура од 37,2. Се посомневав на симптоми иако немав загубен вкус и мирис. Тестот покажа дека сум позитивен, најверојатно вирусот сум го добил по контакт со позитивен зашто изминатите денови имавме некои состаноци. Сега температурата е 37,6, нема некои проблеми, примам терапија и сум во домашна атмосфера“, рекол Јованоски.

Јованоски кој е и специјалист-ортопед по професија и кој во време на пикот на пандемијата во октомври и ноември минатата година волонтираше во приемниот оддел на инфективното одделение, апелира на почитување на заштитните мерки. Особено да нема собирања на младите и по кафулињата.

-Апелирам да се почитуваат сите заштитни мерки. Особено тоа да биде меѓу младите, да не се групираат, да не заседнуваат во кафулињата. Зголемениот број новозаразени во Прилеп е главно поради непочитувањето на мерките и новите бројки се последица, во голем дел, поради собирањата за празникот „Свети Трифун“. Факт е дека новиот, „британски сој“ побрзо се шири и уште поголема опомена е да нема групирања и да се почитуваат мерките, порачал Јованоски.