По тридневна, на моменти жестока, дебата грчкиот Парламент попладнево даде зелено светло за ратификацијата на Договорот од Преспа.

Со прозивање, сите 300 пратеници поединечно се изјаснија за прашањето дали се „за“, „против“ или „воздржано“ за ратификацијата на Договорот од Преспа.

Според информации на МИА од Атина, 153 пратеници гласаа „за“, еден „воздржан“ и 146 „против“. Во тек е пребројувањето на гласовите, по што спикерот на Парламентот ќе ги соопшти официјалните резултати од гласањето.

Позитивно гласаа 145 пратеници од СИРИЗА (целата пратеничка група), седум независни пратеници и еден пратеник од Независни Грци.

Осумте пратеници кои го поддржаа Договорот од Преспа се: претседателот на Демократска левица, Танасис Теохраопулос, кој беше избришан од коалицијата Демократска алијанса, сега независен пратеник; Спирос Данелис, кој беше избришан од Река, сега независен пратеник;,Ставрос Теодоракис, Јоргос Мавротас и Спирос Ликудис, од Река, кои по распадот на пратеничката група официјално се независни пратеници; Елена Кундура, министерката за туризам, поранешна членка на Независни Грци, сега независна пратеничка; Катерина Папакоста, заменик министерка за цивилна заштита, сега независна пратеничка; Танасис Папахристопулос, пратеник од Независни Грци.

Со поединечно прозивање сите 300 пратеници требаше да кажат дали гласаат „за“, „против“ или „воздржано“.