Во пет часот утрово, новинарите во Грција во сите медиуми, организирани од нивните здруженија и федерации започнаа 24-часовен штрајк, со што учествуваат во утрешниот штрајк на Синдикатот на вработените во приватниот сектор, а Грција денеска ќе биде без вести и информативни емисии, јави дописничката на МИА од Атина.
Штрајкот се однесува на сите новинари, техничари и административни службеници во сите медиуми (печатени, радио, телевизија и онлајн) во јавниот и приватниот сектор, како и во државната телевизија ЕРТ, државната агенција АНА-МПА, во Генералниот секретаријат за медиуми, во прес канцелариите, како и на сајтовите.
Од федерациите, меѓу другото, бараат: колективни договори и во јавниот и во приватниот сектор, мерки за справување со поскапувањата што ги намалуваат платите; суштински и ефективни мерки за справување со невработеноста; национални и европски мерки за поддршка на заштитата на приходите и работните места во приватниот сектор; веродостојни информации и плурализам.
-Изразуваме протест поради континуираниот и постојано зголемен притисок врз новинарството и новинарите, а на крајот и врз веродостојното и слободно информирање, што е камен-темелник на демократското функционирање, соопштија од федерациите.
Во изминатите години пракса во Грција е, при генерални штрајкови, новинарите да учествуваат, но ден претходно со цел да можат да ги покријат протестите на денот на штрајковите, па така и овој пат го закажаа за денеска.
Синдикатот на вработените во приватниот сектор за утре закажа 24-часовен штрајк.
Фото: Архива