Јоргос Кумуцакос од Нова демократија вели дека ако решението не и се допаѓа на опозицијата, тие пак ќе преговараат. Мисли на нас, разбира се, иако и Ципрас не преговара со нас, туку со насилно инсталирана влада водена од пророкот од Муртино, шармерот од ВМРО-ДПМНЕ кој сега е со државјанство на СДСМ и блескавиот интелект на Шеќеринска, чија мисла ги тера и Ајнштајн и Тесла да се превртуваат во гробот, а Хокинг, кој неодамна им се придружи, да жали што црните дупки понекогаш немаат селективен ефект и дејство врз луѓе на Земјата.

Како и да било, финалето на приказната започна така што кремот на Македонија најпрвин прифати ерга омнес за името „Илинденска“.  Глупавите меѓу нас предупредуваа дека станува збор за трик со кој сакаат на македонскиот народ да му подметнат навидум прифатливо ерга омнес решение, а потоа да ни смислат друго име. Но, пророкот велеше дека ќе истрае до крај, а шармерот кој мисли дека ова е детска игра, но патем мошне сериозно става во кош два милиони луѓе за да си ја гради својата поданичка кариера (само што сите ние плаќаме за тоа, а не баштата му и мајка му), дури рече и дека ако пропадне проектот „Илинденска“ ќе си поднесе оставка. Се разбира, согласно поговорката дека до зборот се држат само магарињата, а не и луѓето, тој тоа не го стори, и сега ни договорил ново име, кое месијата од муртинската нива треба да го потврди со Ципрас.

Арно ама, Нова демократија вели дека ако тоа ново име помине, а не и се допаѓа, таа пак ќе преговара кога ќе дојде на власт, а тоа ќе биде веќе наредната година. Така, ќе добиеме ситуација во која еднаш сме ја спуштиле македонската преговарачка позиција со „Илинденска“, потоа со другото име и пакетот кој ќе биде прифатен сме отишле уште подоле, за на крај Нова демократија да издејствува нови преговори со кои ќе не спушти таму од каде што веќе нема да има каде да се оди. Ни нагоре, ни надоле. Мислам дека е јасно, нели?

Ете толку од мудроста и храброста и лидерството на оваа група кловнови за кои всушност, споредбата со кловновите е надоградување на нивната чест и углед. Тие повеќе личат на оние со капите од средниот век чија задача била да ги засмејуваат господарите. И овие навистина ги засмејуваат господарите, само што цената ја плаќаме ние, а не тие. Тие во меѓувреме набилдаа нови милиони и гледано вака, ама баш ништо не им фали. Имаат инсталирано пропагандна банда која не би ја сакал ни Ким од С. Кореја, зашто сепак и нему му требаат интелигенти луѓе, а не отпадоци, но овде тоа поминува и главното, имаат странска заштита, односно заштита од тие кои се смеат на глупостите на дворските шутови, но им ракоплескаат додека овие не ја завршат работата.

Во секој случај, ако мислите дека ова што сега го преговараа октроираната власт во Македонија и грчкиот премиер и неговиот министер за надворешни рабои, е крај и конечно завршување на агонијата, се лажете. Ако во нивниот договор има макар една запирка која не им одговара на Грците, нови преговори ќе има и тоа очигледно е стратегија договорена меѓу актуелната грчка Влада и Нова демократија. Не дека е многу бистра, поточно личи на стратегија која е проѕирна исто како и морето кај Хлкидики, но овде, односно на другата страна од Грците има предавници, па на Хелените не им е проблем да протнат било каква замисла, макар била и аматерска.

Дарко Јаневски