Знаете ли дека полната бешика/чувството на полна бешика ги прави луѓето понервозни, и тоа до тој степен што го подигнува артерискиот притисок, па измерената вредност може да биде за 5-10 mmHg повисока од вашиот реален притисок? Тоа е само една од грешките кои луѓето ги прават кога мерат притисок.

Исто така, луѓето кои се возбудени или под стрес можат да добијат резултатите кои не се реални, бидејќи и тогаш вредноста е повисока во однос на реалната.
За да ја добиете вистинската слика, потребно е притисокот да се мери три пати дневно – наутро, во текот на денот, и навечер, во период од 5 до 7 дена. Секако, препорачливо и најдобро е измерените вредности да ги запишете и потоа резултатите да ги однесете кај вашиот лекар.
Сепак, најчестата грешка што луѓето ја прават е што мерат притисок кога имаат некоја потешкотија, т.е. кога ги мачи некоја здравствена тегоба, а тогаш е сосема нормално притисокот да биде повишен.

ПЕТ ПРАВИЛА ЗА ТОЧНО МЕРЕЊЕ ПРИТИСОК

• Испразнете ја бешиката
Како што рековме, полна бешика може да покаже 5-10 mmHg повисока вредност од реалната. Затоа, прво испразнете ја.

• Одморете се
Потребно е да се одморите барем 5 минути во фотелја или на друго удобно место на кое планирате да мерите притисок. Немојте да зборувате, немојте да се возбудувате, ниту да одите – сé тоа го крева притисокот.

• Мерете во правилна и удобна позиција
Седнете на удобен стол/фотелја/софа. Идеално е да има поддршка за рацете, грбот и нозете.

• Положба на раката и одбирање на соодветната рака
Високо засукајте го ракавот на раката на која ќе мерите притисок. Најдобро е раката да биде поставена и потпрена на ниво на срцето. Првиот пат измерете притисок на двете раце, а во иднина мерете на раката која првиот пат ќе покаже поголема вредност.

• Бидете мирни, ама внимавајте и на пијалоците
Во текот на мерењето не зборувајте и не мрдајте. На резултатите може да влијае и возбудата, а измерената вредност може да биде и до неколку десетина mmHg повисока од реалната.

Исто така, пред мерењето не смеете да пиете кафе или црн чај, бидејќи тоа исто така може да ја зголеми вредноста. Избегнувајте и енергетски пијалоци.
Зошто мерењето е попрецизно кога притисок мерите на лекар?
Се работи за мерачите. Во здравствените установи мерачите на притисок редовно се сервисираат (или барем би требало), и затоа и се попрецизни во работата.